Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, конечно, ја прекина серијата порази во АБА-лигата откако на домашен терен ја совлада фаворизираната Цедевита Олимпија со 79:74 и со тоа ја врати надежта за опстанок во елитното натпреварување.

Во најголемиот дел од натпреварот, аеродромци беа подобар ривал на теренот и имаа водство, кое на моменти беше и двоцифрено за на крајот сосема заслужено да дојдат до голем триумф над еден од тимовите што имаат големи шанси да се најдат на фајнал-фор турнирот на ова натпреварување.

  • Ја заслуживме оваа победа и порано, знаете на кој меч алудирам, но тогаш немавме среќа. Се надевам дека со овој триумф ќе ни се зголеми самодовербата и дека е крај на нашите слаби натпревари, но и на проблемите со повредите. Победивме силен ривал, многу ја ценам работата на мојот колега Големац (тренерот на Цедевита). Секогаш ги посветувам победите некому, па оваа победа ја посветувам на сите оние што ми дадоа поддршка од првиот ден кога дојдов во клубот – истакна тренерот на МЗТ Скопје, Драган Николиќ.

Засилувањето Кеандре Кук со 26 поени имаше одлично деби пред домашните симпатизери, додека Војдан Стојановски даде 18 коша. Одлична партија имаше и Мајк Кефи со 14, како и Абдул-Малик Абу со 10 поени.

Ова е трета победа за МЗТ Скопје по 18 одиграни натпревари во регионалната АБА-лига. Тимот од Аеродром и натаму е последен на табелата, но оваа победа може да биде поттик дека може да избори опстанок или барем да го избегне последното место, кое би го исфрлило од лигата. Евентуалното претпоследно место дава шанса, преку плејоф-натпревар со тим од втората лига, да се избори уште една сезона во најсилната лига на Јадранот.