„Сè се сведува на големиот газда, а тоа се парите. Во овие параметри, кој ќе се снајде – ќе се снајде. Мислам дека и животот и историјата велат дека има посериозни идеи отколку парите“, вели познатиот македонски актер Никола Ристановски кој неодамна беше дел од жири-комисијата на 33. Филмски фестивал во Херцег Нови

„На секој денес му е тешко да се сочува себеси, својот поглед на свет, својот мир, својата независност… најголем луксуз е да се биде свој, тоа е речиси невозможно. Не само во овој регион, туку и на глобално ниво. Се живее или со скептицизам, или во неправда, или во недостаток на волја или во бесмисленост… Клучен проблем е недостатокот на свежи идеи“, истакна неодамна Никола Ристановски во разговор за српскиот медиум Блиц.

Македонскиот актер, кој е познат и во регионот и пошироко, беше дел од жири-комисијата на 33. Филмски фестивал во Херцег Нови што се одржа од 1 до 7 август, а каде главната награда „Златна мимоза“ ја доби македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска.

Тој посочува дека него не го интересираат големите механизми кои денес го одбележуваат светот како неоколонијализмот и корпоративниот капитализам, туку го интересира обичниот човек кој се наоѓа во безнадежно конфликтна ситуација. „Сè се сведува на големиот газда, а тоа се парите. Во овие параметри, кој ќе се снајде – ќе се снајде. Мислам дека и животот и историјата велат дека има посериозни идеи отколку парите“, вели Ристановски.

Запрашан што го води низ кариерата, низ улогите, тој ќе посочи дека тоа е она што самиот постојано се обидува да учествува во она што го грее, што го инспирира…

„Најважно е она што ќе го кажете, пренесете на гледачот, она што ќе разбудите во него – без разлика дали станува збор за филм, театар, телевизија… Сакам, како што се вели, да ги бранам своите ликови. Дури и во животот, секој од нас се брани себеси на некој начин, свесно или не. Во средбата со ликот, улогата, ја барам онаа основна човечност, психопатологија евентуално, барам нешто длабоко лично… Го согледувам контекстот. Не би рекол „навлегувам во ликот“, туку повеќе е тоа – оставам околностите да создадат модел на моето однесување на сцената или пред камерите, сеедно. Веројатно порано беше поразлично, но веќе и не се сеќавам…“, појаснува македонскиот актер, истакнувајќи дека она што постојано и одново го грее (поттикнува) е – континуитетот.

Никола Ристановски посочува и дека во моментов најактуелно во неговата кариера е тоа што во Скопје подготвува нова претстава која ја режира бугарскиот режисер Јавор Грдев (станува збор за „Хангмен“ на Мартин Мекдона во продукција на Македонскиот народен театар).

„Многу е возбудлива, особено жанровски, бидејќи се занимава со т.н. мал човек“, вели Ристановски кој во едно од своите претходни интервјуа истакнал дека одвај чека да наполни 50 години. На прашањето дали и сега стои на истиот став (тој годинава наполни 50 години), Ристановски одговори: „Да, наполнив. И да, сè уште така мислам. Затоа што човекот се менува. Само здравјето да го служи, со возраста тој станува позрел, побогат. И што е најважно – се лишува од некои непотребности, непотребни оптоварувања, погрешни работи… Тоа е добро за театарот, особено за филмот, и за самиот човек“, вели тој.

Тој воедно вели и дека тешко му е да одреди која е негова пресвртна улога, но невозможмо е да не помисли на Дервишот, Леоне Глембај од „Господа Глембаеви“, „Злосторство и казна“… Постојат улоги што ги носите долго време во себе. Поради нив, и како човек, вели, станувате побогат.

„Тие ве обликуваат. Вие не ги правите улогите, тие веќе се направени, вие сте само спроводник и патем го збогатувате вашето битие. Така јас ја гледам мојата работа“, додава тој.

Запрашан за впечатокот кој му го оставиле филмовите на 33. Филмски фестивал во Херцег Нови каде тој беше дел од жири-комисијата на главната конкуренција, но и за остварувањата од регионалната кинематографија тој одговара дека тоа зависи од личните афинитети, вкусови и сознанија.

„Неблагодарно е да се донесуваат генерални, општи заклучоци. Разновидноста би можела да биде репер, одредница. На фестивалот импресионираше присуството на локална црногорска продукција. Она што го одбележа фестивалот, но и некои други на кои сум бил, е присуството на жени филмаџии. Тоа многу ми се допаѓа, и го поддржувам, сè додека не стане преголем концепт. Затоа што, едноставно, јас не ги делам така работите. Филмот е важен како остварување, а после тоа можеме да зборуваме за тоа кој е авторот. Значи, филмот, а не родовиот критериум, ја ставија жената во прв план“, завршува Ристановски.