EPA - CHRISTOPHE PETIT TESSON

Францускиот ракометен репрезентативец и играч на најбогатиот клуб во светот Пари Сен Жермен, Никола Карабатиќ, во разговор за францускиот „Ле Парисиен“ најави пензија на крајот од сезоната.

„Конечната одлука ќе ја донесам многу брзо. Ќе го известам и клубот за да има време да најде замена“, кратко прокоментира Французинот.

Наводно, искусниот среден бек смета дека направил доволно и дека е време да се прости од ракометот. Медиумите во Франција се чудат на оваа информација, која доколку е точна, ќе значи дека Карабатиќ нема да го предводи националниот тим за време на Летните олимписки игри во Париз 2024 година.

Во дресот на француската репрезентација има постигнато 1.238 гола на 324 натпревари. Тој важи за еден од најдобрите и најуспешните ракометари на сите времиња.

Карабатиќ ја почна својата кариера во Монпелје во 2000 година. Од 2005 до 2009 година играше во Кил, а потоа се врати во Монпелје и настапуваше до 2013 година. Тогаш се пресели во Барселона и во текот на 2015 година дојде во ПСЖ.

Трипати ја освојуваше титулата во Лигата на шампионите. Тоа го направи со Монпелје (2003), Кил (2007) и Барселона (2015). Со ПСЖ има едно второ место. Го загуби финалето против Вардар во 2017 година.