„Никогаш на врвот“ е наслов на новиот роман на современиот италијански писател Паоло Коњети, во превод на Анета Симовска, а во издание на “Македоника литера“. Ова прозно дело на Коњети е инспирирано од вистинско патување, тоа е дневник за патешествијата до најголемите земјени височини. На Хималаите. Тоа е раскажување кое е топло и детално опишано, но и илустрирано од самиот автор, за тоа како планинарот ги балансира волјата, напорот и болката предизвикани од планината, како се зборува со тибетско куче, како пејзажот станува драма за телото и за духот.

„Никогаш на врвот“ ѝ припаѓа на одличната патописна литература, напишана за патувањето во далечниот хималајски регион на Непал – приказна за тоа како еден човек постигнува поголемо самосознание на 4.000 метри додека го прави секој следен чекор. Регионот Долпо, застанат во своето минато, го обзема Коњети со древната планинска култура каде што животот може да биде неодолив, особено за малубројното население кое се плаши од експлоатација. Тоа е топла и евокативна приказна за соочувањето со физичките ограничувања, за ерозијата на многу стари вредности, за убавината на некои мали нешта како што е неочекуваната средба со тибетско куче итн., а тоа е, всушност, приказната за наоѓањето на рамнотежата во самиот себе.

Коњети (Милано, 1978) дебитирал со збирката раскази „Прирачник за успешни девојки“ по што следи „Една мала работа што ќе експлодира“ за која ги добил наградите „Сетембрини“ и „Кјара“. Ги напишал и „Њујорк е прозорец без завеси“ и „Дивото момче“, преведена во тринаесет земји. Потоа „Пливачот“, „Сите мои молитви гледаат кон запад“, „На лов во најдлабоките мочуришта“, „Софија се облекува секогаш во црно“. Неговиот роман „Осум планини“ (ноември 2016) стана интернационален бестселер.