Никнува објект на плац предвиден за паркинг на улицата „Самоилова“

1843

Додека урбанистите ги изложуваа новите урбанистички планови за Калето, Парк 2 и Француски гробишта , на една од парцелите на која тие во планот предвиделе да биде јавен паркинг, се подигнува објект. Случајот е пријавен во Општина Центар и кај инспекциските служби, но активностите не запираат и објектот секој ден расте.

– Неуспехот во спречување на нелегалното градење ги обезвреднува сите обиди за квалитетно планирање на просторот и спроведување на законите пред кои сите граѓани треба да се еднакви. Неспроведувањето на законите сигурно не нѐ води кон правна држава, туку кон правилата на џунглата во која царуваат најсилните и оние со најмногу врски и моќ – нагласуваат од Шанса за Центар.

Од Општина Центар информираат дека овластен градежен инспектор на Општина Центар излегол на терен, извршил увид во фактичката состојба и составил записник од извршениот увид на објектот. Оттаму не откриваат за каков објект точно станува збор, ниту, пак, зошто дозволиле на простор кој е предвиден за јавен паркинг да никне објект и дали е издадена градежна дозвола за објектот што се гради.

– Поради тоа што се работи за тековна управна постапка, во моментов не можеме да откриваме повеќе податоци. За понатамошното одвивање на оваа постапка, јавноста ќе биде дополнително известена – одговорија општинските служби.

Жители од Центар реагираат и дека среде ноќ се тероризирани со загадување, со бучава од градилиштето на местото на некогашната стоковна куќа „Беко“, од каде што на социјалните мрежи постирале и видео. Иако има добиено решение за уривање и за стопирање на градбата, бидејќи се гради на диво, инвеститорот продолжува да гради, а Општина Центар веќе трета година не може да се справи со него.

Од Општина Центар велат до нив било пристигнато официјално известување од инвеститорот „Економско биро ДОО Скопје“ за тоа дека ќе постапуваат по претходно издаденото решение за отстранување, издадено од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар, односно дека самостојно ќе го отстранат објектот.

(А.П.)