Низ Крива Паланка продефилираа играорци облечени во носии и везови од седум држави

155

Со свечено дефиле низ улиците на градот и презентација на традиционалните носии и везови од државите што ги претставуваат играорците, во Крива Паланка започна 15-от Интернационален фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски”.

На градскиот плоштад во трите фестивалски денови ќе продефилираат околу петстотини фолклористи од Белгија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Турција и Северна Македонија, претставувајќи се со традиционални игри и ора автентични за краевите и регионите од каде доаѓаат.

Гостин на првата фестивалска вечер беше градоначалникот на збратимената општина Самбервил од Белгија, Жан Чарлс Луперто.

– Почитувани гости и учесници, драго ми е што некои од вас ги гледам и по десетти пат, зашто фестивалот годинава одбележува мал јубилеј, а вашето присуство го збогатува ова фестивалско издание. Велат, вредите толку колку што пријатели имате, а овој колорит од знамиња говори дека имаме толку многу пријатели кои нè почитуваат и заслужуваат почит. Денес пристигнав од збратимената општина Млава, Полска, каде потпишавме меморандум за мир со градоначалници на пет држави, заветувајќи се на заемно почитување, мир и соработка,она што е перспективата на овој свет. Со овој фестивал градиме иднина,трајни вредности и пријателства – рече градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Фестивал го организираат општина Крива Паланка и националната установа Центар за култура Крива Паланка,со поддршка од министерството за култура.

– Вдахновени од закрилникот на градот св. Јоаким Осоговски и најрепрезентативниот објект манастирот, ние на фестивалот што го носи името на светецот три дена торжествено ќе славиме низ игра и песна, со тридневна програма ќе патуваме низ традицијата на Балканот и дел од Европа. Фолклорот не зближува и обединува, низ мир и задоволство нека ечи песна, да заигра душа – истакна директорката на НУ Центар за култура Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.

Втората фестивалска вечер е утре вечер што ќе започне со дефиле од улицата „Херој Карпош“ во населбата Бавчалак во 18 часот, а програмата на градскиот плоштад е од 19 часот.