Македонскиот ракометен шампион Вардар ќе ги одмери силите со Барселона во полуфиналето на завршниот турнир од Лигата на шампионите во Келн. Каталонците се најдобриот тим сезонава во елитното натпреварување, бидејќи групната фаза ја заврши на првото место и во истата два пати играа со македонскиот првак и два пати беше поуспешни.

Нивниот дуел воедно ќе биде и реприза на полуфиналето од 2017 година. Тогаш Лука Циндриќ со гол во последната секунда го однесе Вардар во финалето, а тоа ќе биде доволно голема причина Барса да направи се за да им го наплати долгот на „црвено – црните“.

-Сите четири тима имаат исти шанси за победа. Барселона е голем фаворит, таа беше прва во групата и двапати нѐ победи, но ние сме Вардар и не се откажуваме до крај. Мислам дека претходните натпревари од групната фаза нема да бидат важни за подготовките за завршниот турнир , изјави капитенот на „црвено-црните, Стојанче Стоилов.

Капитенот на Барселона, Виктор Томас, не беше пресреќен што го добиле Вардар за противник во полуфиналето. Тој истакна дека ниеден тим не го посакуваат, но мора да играат против некого.

-Не посакував ниту еден од овие тимови за противник. Игравме против нив во групата и знаеме колку се силни. Вардар е опасен, посебно поради ситуацијата во клубот, тоа ги прави исклучително опасни. Видовме што направија во 1/4 финалето.  Нема фаворити, во оваа фаза на натпреварувањето сите имаат подеднакви шанси, на еден меч може да се случи сешто, изјави Томас.

Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат унгарскиот вицешампион Веспрем (каде игра македонскиот ракометар Дејан Манасков) и Киелце.

Полуфиналните средби во „Ланксес Арена“ ќе се одиграат на 1 јуни, а финалето е закажано ден подоцна.  По завршувањето на турнирот ќе се добие новиот шампион кој ќе го наследи францускиот Монпелје, кој лани изненадувачки ја осови европската крун, а годинава испадна уште по групната фаза од елитното натпреварување.