Легенда во целокупниот македонски спорт, човек кој со златни букви е запишан во светот на борењето, освојувач на олимпиското злато за Македонија (во времето кога бевме дел од поранешна Југославија) на Игрите во Лос Анџелес 1984 година (како најмлад борач во историјата), повеќекратен светски и европски шампион… сите овие епитети му припаѓаат на легендата на македонското и светското борење – Шабан Трстена.

Во интервју за дневниот весник ВЕЧЕР, Трстена со носталгија се присети на убавите времиња, кога беше страв и трепет на душекот, елиминирајќи ги најдобрите, покажувајќи им сила на најуспешните, доминирајќи против повозрасните, кревајќи ја Македонија на највисокото место на пиедесталот.

Каква е моменталната слика кога е во прашање борењето во нашата држава?

Во нашата земја не е само борењето во надолна линија туку во глобала сите спортови. Можам да кажам дека борењето во времето на СФРЈ беше на врвот, беше гордост да си спортист, да си борач, се постигнуваа големи резултати. Освојувавме медали и трофеи за оваа мала држава. Само јас имам освоено 19 медали, и тоа од Светско и Европско првенство, како и од Олимписки игри. Во последно време просечните резултати ги добиваме од некои натурализирани борачи. Порано бевме при самиот врв во борењето, ниту Кина, Индија, Бразил… не можат да се пофалат со освоен медал, а ете, ќе речеме дека се далеку повеќебројни од нас. Македонија го заврши својот дел од работата пред 35 години, во време кога не дискутиравме за норма како што е денеска. Ние во моментов сме горди на Руси, кои ги бранат боите на Македонија. Ова е срам за македонското борење. Главниот проблем за тоа зашто не бележиме добри резултати изминативе години, особено во борењето е тоа што самите борачи не работат на себе. Јас во тоа време постојано тренирав, од утро до мрак, постојано бев активен на терените, по 300 дена во годината макотрпно се подготвував… Денес одат само колку да се натпреваруваат, немаат амбиција, не мислат како да победат, како да дојдат до медал. Замислете во тоа време какви услови сум имал, а какви имаат денеска. Немавме ниту сала, ниту теретана, но имавме вистински борци. Денеска борците се лажни „фаци“, а на крај на годината не се ниту на листата за „Спортист на годината“. Сега, пред секој дуел, можеш да му ги видиш слабите точки на противникот, да знаеш од каде да го нападнеш, а во мое време тоа го немаше, бев оставен на милост и немилост. Се борев против Руси, кои отсекогаш важеле за најсилни борачи, Јапонци, Бугари, Иранци, Турци, Кинези, кои се далеку пред нас и политички и финансиски, во секој аспект. Но, јас на ниту еден борач од овие земји не му дозволив да крене глава. Легнував со анализа за противникот, станував со истата мисла. Искрено, јас се подготвував само за противници од три земји, за Бугарите, Русите и Турците, а натпреварувачите од другите држави ги решавав за секунда. Сега губиме од Африканци, од Мексиканци, од Бразилци, кои немаат поим со борење, затоа треба да се запрашаме до каде паднавме во борењето.

Најодговорен за нашите спортисти е Олимпискиот комитет, бидејќи секој спортист очекува да дојде до вајлд-карта, а не да се избори самиот за неа. Не зборувам само за борењето, туку за сите спортови. Што се однесува до Нуров, тој е готов борач, но затоа трпат нашите таленти, кои треба да ги праќаме на Олимписките игри, а не натурализирани спортисти кои обезбедил олимписка норма. Јас неколку пати го кренав гласот, дека не е во ред да се носи спортист од друга земја, туку да се вложува во нашите

Една година е запишана со златни букви во Македонија и во светот, 1984, кога освоивте сè што може еден спортист да посака. Како дојдовте до тоа олимписко злато и дали ова е најтешко освоениот медал во Вашата кариера?

За една олимпијада, милион луѓе тренираат, даваат се од себе, само за да обезбедат норма. Од тие бројни спортисти само 15-ина борачи обезбедуваат норма. Можете да замислите колку е тоа макотрпно. Имате подготовки-натпреварувања, подготовки-натпреварувања, сè додека започне олимпискиот циклус. Моето мото отсекогаш беше – биди како Мохамед Али. Постојано си велев дека ги посакувам неговите резултати. Јас потекнувам од сиромашно маало, немав ниту телевизор дома за да го гледам мојот идол од детството. Брат ми ме зеде со него и јас така започнав да тренирам борење, во далечната 1977 година. Првпат се појавив на едно големо натпреварување во 1982 година, на ЕП во Бугарија, каде што освоив трето место. Потоа секоја година се закитував со по некој медал од европските или светските првенства. Од година во година постојано напредував благодарение на сè поинтензивните тренинзи. Јас никогаш на големите натпреварувања не одев со помислата „Дај ми, Господе, среќа“, туку се подготвував за секој противник поединечно. Во текот на овие години имав многу историски натпревари. Кога дојде време за Олимпијада, сите експерти ме сметаа како аутсајдер во однос на големите борачи кои обезбедија место на најголемиот спортски настан. Во првото коло се натпреварував против Американец, на негов терен, пред негова публика, го оставив срцето на терен за победа. Потоа, по неколку лесно извојувани победи, дојде полуфиналната борба против Јуа Такада, борач кој пред тоа освои сè што можеше да се освои. Беше алфа и омега во овој спорт. Го победив, а потоа светот ми се поклони, бидејќи ова воедно беше финале пред финалето. Таа година бев и европски шампион. Ќе ви кажам едно нешто, до 1988 година немав каде да спијам, немав патики, никој во Македонија не го интересираше каде живее Шабан, какви се неговите услови, но на крајот успеав да се изборам и да чекорам по првиот пат. Голема заслуга за моите успеси имаа и клупскиот тренер Ајруш Синани, селекторот Насе Насев, а посебна благодарност морам да испратам до докторот Милош Вучидолов.

Што очекувате од натурализираниот македонски борач Могамедгаџи Нуров на Олимпијадата во Токио?

Ние сме многу далеку од Олимпијадите, пред се мислам за македонските спортисти, многу далеку сме за норма. Најодговорен за нашите спортисти е Олимпискиот комитет, бидејќи секој спортист чека вајлд-карта, а не работи сам да се избори за норма. Не зборувам само за борењето туку за сите спортови. Што се однесува до Нуров, тој е готов борач, но затоа трпат нашите таленти, наместо нив, ние праќаме натурализиран спортист кој обезбедил олимписка норма. Ние им ги сечеме нозете на нашите деца, а им даваме шанса на туѓите борци. Јас неколку пати го кренав гласот, дека не е во ред да се носи спортист од друга земја, туку да се вложува во нашите, но залудно е. Јас во моментов немам поддршка од државава, да имам ќе направам многу промени. Сите околни републики ме прашуваат до каде ни е борењето, а што да им кажам јас? Загрижен сум, сите одат напред, само ние тапкаме во место, дури и Косово е понапред од нас. Единствено каратето ни го обелува образот. Политиката отсекогаш била во спортот, но сега можеби е најмногу. Не сакам да зборувам премногу за тоа, но дел од спортистите земаат стипендии од МОК само поради своите партиски определби или само затоа што МОК е симпатизер на одредени спортисти и е во добри односи со неговиот тренер. Вака ги уништуваме спортистите. Ова не е само кај нас, на цел Балкан е вака, па и секаде низ светот, но кај нас е најопфатено. Не велам не, државата дава пари, Агенцијата за млади и спорт исто така, но никако да дојдеме до норма.

Во кој спорт во иднина можеме да бележиме најдобри резултати?

Со квалитетна работа, добра ангажираност на самите спортисти, можеме да бидеме успешни на многу полиња. Можам да кажам дека Бесир Алили е светла иднина, тој е европски кадетски шампион во борење, само да не му удри тоа во глава. Јас зборував со него, му кажав уште повеќе да тренира, да се усовршува… Истото го мислам и за Марко Пејчиноски, кој успешно го преплива Охридското Езеро. Но, мора да се вложува во тоа дете. За на крај имам една порака до сите кои сакаат да ги остварат своите цели во животот: „Само со напорна работа можете да го постигнете тоа што го сакате, и јас морав да се откажам од милион други нешта за да успеам, откажете се и вие и бидете гордост на Македонија“. Сега треба само дисциплина, работа, и сè ќе си дојде на свое место.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ

ФОТО: Петр СТОЈАНОВСКИ