Нивото на Треска и натаму расте, поплавени ниви и ливади

43

Вчерашните врнежи од дожд што го зафатија кичевско-бродскиот регион, предизвикаа нов пораст на и онака преполнетите речни корита.

Најмногу грижи на жителите им задава најголемата река Треска, која продолжи да се излева кај селата Вранештица, Лисичани и Пласница и низводно кај Македонски Брод, од Пешна до село Девич.

– Последните врнежи од дожд во регионот ги зголемија водотеците,  а во тој поглед предничи најголемата река Треска, која вчера веќе се излеа на поголеми површини ниви и ливади. По новиот пораст измерен денеска, состојбите барем наредните неколку дена нема да се подобрат. Така, вчера нивото на Треска беше пораснато на 132  сантиметри, за денеска на мостот кај Македонски Брод да бидат измерени 170 сантиметри, што е реална опасност реката да се излее во пониските делови – вели Миле Стојкоски од РЦУК – Македонски Брод.

Снегот кој утринава почна да врне во регионот засега не предизвикува проблеми во одвивање на сообраќајот.

– Првиот годинешен снег во нашиот регион не предизвика никакви проблеми. Висината на снежната покривка  се движи од 7 сантиметри во пониските делови, до 20 сантиметри во ридско-планинските села. Засега немаме информации за проблеми во одвивање на сообраќајот, а бидејќи снегот престана да врне, очекуваме состојбата наскоро целосно да се стабилизира – нагласи Стојкоски.