Не сум осамен во борбата за правда, тука е и големиот борец Новак Ѓоковиќ

194

Канадскиот тенисер Вашек Поспишли, неодамна за Радио Канада зборуваше за својата борба во АТП Советот на играчи, а порачa и дека има голема поддршка од светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ.

Поспишли е еден од играчите во Советот, а овој пат рече дека играчите немаат никаква моќ да ги променат работите во своја корист.

-Не можете да замислите колку нееднаквости има на АТП турнирите. Кога некој гледа од страна ќе си рече дека владее демократија, но тоа е обична илузија, играчите немаат никаква моќ, изјави Канаѓанецот.

Тој рече дека главната цел е парите да се распоредат така што повеќе играчи да може да живеат од тенисот.

-Во овој спорт се вртат милијарди, но само оние тенисери од Топ 100 можат да живеат од тоа. Затоа решив да се борам. Просечната плата на тенисер од 51 до 100 место во 2018 година беше 583.235 долари и тоа без такси и даноци. Постојаните патувања, чинат богатство. Уште кога со себе ќе ги земете и членовите на тимот, тренер, физиотерапевт, навистина е многу скапо. Споредено со хокејот чии играчи заработуваат и до шест милиони, а не плаќаат ништо, бидејќи сите трошоци се на товар на клубот, вели Поспишли.

Тој рече и како никој не открива какви се заработувачките од турнирите.

-Никој не сака да зборува за тие бројки. Се чини дека нè држат во магла. Ништо не е транспарентно. Предложив дури и бојкот, штрајк. Претставникот на АТП и адвокатот се обидоа да ме заплашат. Но кога видов колку се нервозни, знаев дека нешто мора да направиме. Затоа сега сум во Советот на играчи.

-Проблемот е во тоа што рацете ни се врзани. Структурата на АТП е таква, правилата се пишувани пред 46 години. Се чини дека не сакаат ниту да се менуваат. Што е решението? Да формираме заедница. Тоа е единствената шанса да се почнат преговори. Но и за тоа ни рекоа дека не можеме, бидејќи сме самовработени . За среќа не сум сам во оваа борба, тука е и Новак Ѓоковиќ. Дури и ако тој има многу обврски, тој е прв тенисер во светот, сака да ги собори рекордите , да освои грен слем титули. Сепак, секогаш има време за состаноците , кои траат и по седум часа. Исклучително го почитувам. Малкумина се оние на врвот кој би биле подготвени да прават вакво нешто, заврши Поспишли.