Канадската натпреварувачка во кану продолжува да го сонува олимпискиот сон откако успеа да докаже дека не се допингувала. Нејзиниот случај може да биде преседан кој ќе им падне на памет на повеќе спортисти, а можеби е само сплет на околности.

Таа успеа да докаже дека не се допингувала откако ја убеди комисијата дека нејзиниот позитивен тест е предизвикан од контаминацијата на телесни течности на нејзиниот партнер.

Меѓународната кану федерација (ИЦФ) ја заврши истрагата против светската шампионка во спринт Лоренс Венсан – Лапуант, чиј допинг резултати во јули беа позитивни на стероиди. Таа поради ваквите резултати на допинг-тестот се соочуваше со четиригодишна суспензија.

Таа заедно со нејзиниот адвокат детално претставија лабораториската анализа на нејзиниот дечко, која покажа дека тој е виновен за минималното присуство на лигандрол во нејзиниот допинг-примерок, откако тој призна дека ја користел оваа супстанција.

Количините на супстанцијата во нејзиниот примерок можеле да дојдат во нејзиното тело преку телесните течности кои ги разменувала со партнерот.

-Федерацијата (ИЦФ) го прифати доказот на Венсан – Лапуант, кој потврдува дека таа била жртва на контаминација од трета страна, се наведува во соопштението на првите луѓе на ИЦФ.

Венсан – Лапуант (27) речиси шест месеци беше суспендирана и го пропушти Светското првенство минатата година, кое беше квалификации за Олимписките игри во Токио.

Таа ќе има можност да се пласира на Игрите со победа на Светскиот куп во мај, во Германија.