Не постојат докази дека коронавирусот се пренесува преку храна

64

Светската здравствена организација соопшти дека нема докази дека коронавирусот се пренесува преку храна и дека луѓето не треба да се плашат дека Ковид-19 ќе влезе во ланецот со исхрана.

Реакцијата дојде откако два кинески градови објавија дека траги од вирусот биле пронајдени во замрзнати пилешки крилца од Бразил и замрзнати ракчиња од Еквадор.

„Луѓето не треба да се плашат од спакуваната храна или храната што се испорачува, затоа што нема докази дека вака се пренесува вирусот“, изјавил на прес-конференција шефот на програмата за итни случаи на СЗО, Мајк Рајан.

Епидемиологот на СЗО, Марија Ван Керхове изјавила дека стотици илјади пакувања биле тестирани во Кина, а траги од вирусот биле пронајдени во помалку од десет.

Бразилското Министерство за земјоделство соопшти дека побарале појаснување од Кина, додека министерот за економија на Еквадор, Иван Онтанеда за Ројтерс изјави дека протоколите биле строго следени за време на преработката и пакувањето на храната и дека тие не можат да бидат одговорни за она што се случува кога производите ќе го напуштат Еквадор.