Ако не по резултати на својата кадетска репрезентација на Светското првенство во Скопје, канадскиот селектор Лудвик Рокуле сигурно ќе ја памети Македонија по доброто вино.

Како што и самиот вели, предводникот на оваа земја е импресиониран од деновите кои ги мина за време на Мундијалот во Скопје, каде што неговата селекција загуби од сите противници, па сосема очекувано заврши на последното 24 место. Инаку, ова е дебитантско учество на Канада на Светските шампионати за млади, но не и прво искуство на нацијата на глобално ниво на големите собири. Тие беа дел и од Светското сениорско првенство во 2011 година за мажи, пласирајќи се на 22 место.

Факт е дека искуството на оваа млада репрезентација на Канада не може да се спореди со ниту една од големите европски репрезентации, па затоа, нивните цели беа во втор план. Убедливите порази од Франција (46:16), Унгарија (41:13), Шведска (38:16), Египет (47:20), Тајван (33:17), Чиле (46:24), Нигерија (37:31) можеби беа само причина повеќе селекторот и играчите повеќе да уживаат во убавините на Македонија, да вкусат нешто од традиционалната кујна, а селекторот го проба и македонското вино за кое вели дека е едно од најдобрите во светот.

ФОТО: Петр Стојановски

Колку ја познававте Македонија пред почетокот на Светското првенство?

Иако не сум од Европа, сепак пред да дојдам на првенството, со луѓето кои се околу мене, речиси сите знаеја за оваа земја, барем по нешто, така што знаев каде доаѓам. Сум бил во неколку околни земји, но морам да признаам дека ова место посебно ми се допадна. Климата е идентична како и кај нас, така што лесно можам да се прилагодам на оваа земја.

Што успеавте да посетите во слободното време?

Бидејќи сум спортски човек, ме интересира само ракометот. Знам дека во близина сме на ракометниот клуб Вардар, кој е еден од најдобрите тимови во светот, па бев до нивниот фан-шоп. Имав можност да прошетам и на неколку други места, и можам да кажам дека е многу поразлично од кај нас, како на пример, дружбата со пријатели, ноќниот живот и уште многу други нешта. Тука градот живее 24 часа, што не е случај и кај нас.

Дали пробавте нешто од нашата традиционална кујна?

Храната ви е прекрасна. Пробав неколку ваши готвени јадења и мислам дека сте препознатливи по добрата храна. Морам да признаам дека исто така имате добро вино, особено црвеното. Имав можност да пробам уште неколку работи и фасциниран сум од вкусот. Навистина имате добра храна. (К.Т.)