EPA-EFE/Jose Manuel Vidal

Американскиот спринтер и повеќекратен олимписки шампион, Мајкл Џонсон (55), проговори за најтешката борба што ја водел во животот, борбата да застане на нозе.

Џонсон во кариерата освои четири олимписки злата и осум светски шампионски титули, а во 2018 година претрпе оштетување на мозокот, по што беше под знак прашалник дали повторно ќе оди. Целата лева страна од телото му се вкочанила и ја изгубил координацијата.

  • Првиот ден кога можев да станам од кревет, ми дадоа патерица и терапевтот ме водеше низ болницата, учејќи ме како да одам. Не беше многу поразлично од денот кога тренерот ми даваше инструкции на патеката, повторно слушав „Мајкл, мораш да го направиш тоа“. Во еден момент погледнав назад и сфатив дека поминав околу 200 метри за 20 минути, а не за 20 секунди како порано. Но, тоа не ме обесхрабри, изјави Џонсон.

Џонсон е еден од најугледните спортски коментатори и работи за „Би-би-си“. Во текот на битката тој не се откажа од големата волја, која спортот му ја всади, а закрепна само за неколку месеци.

  • По мозочниот удар имав голема предност што сум спортист. Тоа ми помогна да си ја вратам силата и повторно да можам да одам и да трчам, изјави Џонсон и додаде:
  • Не знаеја дали повторно ќе пешачам, но на сопругата ѝ реков дека ќе закрепнам целосно и побрзо од кој било друг.

Денес Џонсон нормално ги прави сите активности, од возење велосипед, веслање и трчање.

  • Два месеца по закрепнувањето повторно трчав. Таму ми помогна спортувањето, ме научи да бидам најдобар, рече тој.

Патот до закрепнување за Џонсон во никој случај не бил лесен, а признава дека и пред мозочниот удар сакал да биде оној на кој сите би можеле да се потпрат.

  • Поминав многу време гледајќи се себеси во огледало и барајќи некоја симетрија. Имаше денови кога гледав само дел од личноста што некогаш бев. Пред мозочниот удар сакав по секоја цена да избегнам да бидам ранлив, да бидам зависен од кој било друг. Сакав да бидам оној на кој сите други ќе може да му веруваат, заклучил Џонсон.

Во Атланта во 1996 година го освои олимпиското злато на 200 и 400 метри, а во Барселона во 1992 година го освои штафетното злато. Ги држеше и светските рекорди во двете дисциплини (19,32 и 43,18 секунди), а во 2008 година Усаин Болт го симна рекордот на 200 метри. На 400 метри го држеше рекордот до 2016 година, кога Вејд ван Никерк го собори.