„Не“ за насилството врз жените

36

#КажиНЕ и „Не си сама“ се главните слогани и пораки со кои Општина Карпош се приклучува кон „портокаловата кампања“ за спречување на родово базираното насилство која е светски глобален тренд во периодот од 25 ноември до 10 декември. Сите жени и девојчињата заслужуваат безбедно место за живеење.

-Наместо тоа, во периодот на пандемијата од коронавирусот, се случува пораст на пријави за семејно насилство за 18 насто во шелтер центарот кој е сместен на територијата на Карпош, како и за 12 насто повеќе згрижување на жени, жртви на семејно насилство. Овој црн биланс со тенденција на раст, можеби не можеме во целост да го спречиме, но затоа можеме да помогнеме-соопштија од Општина Карпош.

Оттаму додаваат декала токму затоа, локалната самоуправа на шелтер центарот ќе му донира 50 заштитни маски и 50 пара заштитни ракавици, како и 10 шишиња средства за дезинфекција, како и донација на топла облека за згрижените семејства жртви на насилство.

-Со тоа локалната самоуправа само ја засилува поддршката која во континуитет му ја дава на овој шелтер центар на свое подрачје, со надеж дека на овој начин ќе се подигне и јавната свест за потребата од поголем сензибилитет и  препознавање на знаците и условите за појава на семејно насилство, како и вклучување во борбата против него-потенцираат општинските власти.

Инаку жените и девојките жртви на насилство во овој шелтер центар имаат двапати неделно бесплатно психолошко советување за справување со трауматичните состојби, како и бесплатна правна помош.

-Одговорноста за  безбедна животна средина без насилство врз жените и девојчињата е одговорност на сите-нагласуваат од локалната самоуправа.