Не е шега, Македонија ја победи Германија!

144

После историскиот пласман на Европското првенство 2021, фудбалската репрезентација на Македонија повторно е во центарот на фудбалското внимание, но сега поради заслужениот триумф во квалификацискиот дуел против фаворизираниот домаќин, селекцијата на Германија.

Иако сите очекуваа лесен триумф на популарните „панцири“, третиот натпревар од мартовскиот квалификациски циклус за СП 2022, одигран во Дуизбург, заврши со минимален триумф на избраниците на Игор Ангеловски од 2:1.

Нашиот национален тим дојде во водство во самиот финиш од првото полувреме со погодокот на капитенот, Горан Пандев, а Германија израмни во 63 минута, откако Илкај Гундоган успешно го изведе ударот од белата точка.

Во 75 минута, дефанзивецот на Борусија од Дортмунд, Емре Чан играше со рака, но главниот судија не досуди пенал за репрезентацијата на Македонија. Погодокот вреден злато, постигнат во 85 минута, беше дело на Елиф Елмас.

После три одиграни кола, Македонија е второпласирана во групата „Ј“, со шест освоени бода, три помалку од првопласираната Ерменија.