Најновата студија покажа дека кај една нација во текот на пандемијата со ковид-19, се зголемила употребата на алкохол повеќе отколку кај сите други.

Австралијанците се прогласени за најголеми пијаници во светот, откако истражувањето покажало дека тие во 2020 година поминале повеќе време под дејство на алкохол од било која друга нација.

Меѓународната анкета покажала дека Австралијанците во просек се опиваат 27 пати годишно, што е речиси двојно повеќе од глобалниот просек кој изнесува 15. Истражувањето исто така , покажало и дека речиси четвртина од Австралијанците жалат што се опиле.

Во глобалното истражување за опијатите биле опфатени повеќе од 32.000 луѓе од 22 земји и се утврдило колку била нивната потрошувачка на дрога и алкохол во изминатата година. Се покажало дека Австралијанците пиеле алкохол две ноќи неделно, а биле многу пијани речиси еднаш секоја недела.

По овој показател на врвот се Французите кои се опивале во просек, по гтри пати неделно.

Извршната директорка на Организацијата за истражување и едукација за алкохолот, Катерина Џерџи, истакнува дека статстиката е загрижувачка и дека сега се појавува јасна слика за влијанието и штетата од зголемено конзумирање на алкохол за време на пандемијата.

-Австралија е на самиот светски врв и по бројот на случаи во кои луѓето пријавиле дека се напиле и барале брза помош поради алкохолот. Тоа пак покажува дека луѓето пијат ризична количина алкохол, истакнува Џерџи.

Таа додава дека во 2020 година статистички е регистрирана зголемена продажба на алкохол во вредност од 3,3 милијарди долари и дека тој тренд продолжил и во 2021 година.

-Во вакви неизвесни времиња, дојде до трајна промена во начинот на продажба на алкохол. Компаниите своите производи агресивно ги пласираат на пазарпт користејќи го ковид-19 и се фаќаат за тешката состојба во која се наоѓаат луѓето за да го продаваат алкохолот, истакнува Џерџи.

Од сите земји опфатени со истражувањето, најмалку се опивале жителите на Нов Зеланд, во просек само 10 пати годишно, но сепак пиеле почесто од Австралијанците, речиси три пати неделно.

Покрај Австралијанците, во време на пандемијата најчесто се опивале Данците и Финците, 23,8 пати годишно. На трето место се Американците кои во 2020 година во просек биле алкохолизирани 23 пати, а по нив следуваат Британците кои просеќно се опивале по 22,5 пати годишно.