Годинава, наместо на големиот празник Петровден како што е традицијата, Галичка свадба е одложена за 28 август, поради пандемијата на ковид-19. Документарниот материјал од Кинотека на Македонија е одлична можност да се потсетиме на обичаите и богатата содржина што Галичката свадба ни ги нуди како културно наследство, напиша претседателот Стево Пендаровски на својот профил на ФБ.

Но, од Комисијата за заразни болести, за Фактор, на прашањето дали навистина манифестацијата е одложена за наредниот месец одговорија дека тоа не е одобрено.

– За нас воопшто не е важно кој датум е избран за одржување на Галичка свадба. Ние ја следиме епидемиолошката состојба, која не е поволна во моментов за такви манифестации. Најголемиот  проблем го создадоа свадбите, заради масовните собирања имаме зголемување на бројот на заразени. Во светот сè е одложено, една Олимпијада која има традиција од 2000 години е одложена, така што не е трагедија ако Галичка свадба не се одржи оваа година, вели д-р Сашо Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести.