Седумкратниот шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон, изјави дека доколку ја заврши сезоната без победа во шампионатот, тоа нема да биде „крај на светот“.

  • Остануваат уште шест трки, така што и шест шанси за победа. Ако не успееме, не е крај на светот. Ќе се вратиме на врвот, истакна Хамилтон, кој секогаш победувал барем по една трка во сезоната од неговото деби во Формула 1 во 2007 година.

Рекордерот по бројот на победи во Формула 1 (103) исто така одби да ја опише тековната сезона како „мрачен период“.

Пилотот на Мерцедес минатата сезона заврши на второто место по возбудливиот финиш на последната трка кога ја загуби шампионската титула од Макс Верстапен. Тој сега го зазема само шестото место во генералниот пласман со 168 бодови.

Британецот, кој теоретски веќе не може да му се заканува на Верстапен за првата позиција, призна дека 2022 година била „една од најтешките“ сезони во неговата кариера.

Хамилтон додаде дека главна цел во моментов е неговиот тим Мерцедес да стигне до второто место во поредокот кај конструкторите.

Мерцедес моментално е на третото место со 371 бод, зад Ферари, кој е на втората позиција со 406 бодови. Водечка екипа во конструкторскиот поредок е Ред Бул.