Денеска стартува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, а пред почетокот на истата, актуелниот шампион Вардар, го имаше најбурното лето од постоењето на клубот.

„Црвено-црните“ се соочија со низа проблеми откако по седум години рускиот тајкун, Сергеј Самсоненко, крена раце од најтрофејниот тим во Македнија. И покрај тоа што мака мачеа, сепак на крајот успеаја да го склопат составот.

Евидентно е дека Вардар ќе почне нова ера, во сосема поинаков состав, бидејќи од минатата сезона повеќе ги нема Филип Гачевски, Евгениј Новак, Даниел Аврамовски, Владица Брдаровски, Марио Младеновски, Бојан Димовски, Џемал Ибиши, Жуниор, Кристијан Тошевски, Али Адем и Никола Серафимов, а во тимот пристигнаа Дејан Блажевски, Филип Петковски, Виктор Велковски и Бојан Најденов, од кои се очекува да го понесат главниот товар оваа сезона.

За големите проблеми, моменталната ситуација во клубот и амбициите во новата сезона, дневниот весник ВЕЧЕР направи интервју со предводникот на Вардар – Александар Васоски.

Каква е моменталната ситуација во ФК Вардар?

Со оглед на бурното лето што го имавме во однос со сопственичката структура, односно откажувањето од спонзорството од сопственикот Самсоненко (Сергеј), имавме еден тежок период кој психички сите не оптовари, сите кои бевме дел од Вардар минатата сезона, кога имавме огромен успех. Сепак, во последните десетина денови собравме сили за да стартуваме со подготовките, за да не дозволиме клубот да го допре дното, односно да замине во четвтата лига (последна во нашето првенство). Моменталната ситуација е тешка, меѓутоа, овие момци заедно со стручниот штаб, успеавме да најдеме сили за до декември да го одржиме клубот во живот.

Дали фудбалерите имаат проблем со мотивацијата?

Станува збор за млади фудбалери, свесни дека голем број нивни соиграчи од минатата сезона кои беа стандардни првотимци направија добри трансфери, така што поголема мотивација од тоа нема. Гордост и чест е да се носи дресот на Вардар, па затоа во тој поглед ќе немаме проблем, бидејќи реков – тие се гладни за фудбал и желни за афирмација.

Дали има најава за ангажирање на нови фудбалери и колку засилувања се потребни да за Вардар ја одбрани шампионската титула?

Поради лошата финансиска ситуација, не можеме да ангажираме фудбалери од поголем калибар, лимитирани сме со финансии, но костурот на тимот од тие 5-6 играчи од минатата сезона кои го понесоа товарот ќе останат. Исто така донесовме играчи како Најденов (Бојан) и Велковски (Виктор) од кои се очекува дополнително да го кренат нивото на игра. Тука секако се и Дејан Блажевски и Филип Петковски, кои се старо-нови играчи на Вардар, како и од школата имаме 3-4 млади играчи – бисерчиња, кои ќе гледаме на вистински начин да ги „брусиме“ за да ни бидат од голема помош за престојната сезона. Рано е да се зборува за шампионска титула, сепак во фудбалот нема импровизации, ние тренираме само десетина дена. Ќе се обидеме да извлечеме максимум од оваа ситуација и да видиме што може да се спаси од неа до декември.

Кој тим го гледате како најголема конкуренција пред почетокот на сезоната?

Секако, Шкендија и оваа година се наметнува како најголем наш конкурент за титулата. Тука не смее да се заборави ниту Шкупи, кој добро се засили во овој трансфер период, исто така и Раборнички предводен од Ратко Достаниќ може да се приклучи кон врвот. Токму овие тимови сметам дека ќе водат битка за титулата, а не смее да се исклучи ниту Силекс, кој одигра одлична сезона минатата година. Ќе покаже времето. Не барам алиби, но кога станува збор за Вардар, проблем е кусото време за подготовки, а покрај тоа баравме соодветни фудбалери за да го комплетираме составот.

Како ќе пристапите на првиот дуел во домашното првенство и мечот против Борец, тим кој се покажа како тврд „орев“ на пријателските натпревари? 

Токму така, прв натпревар, шансите за победа се еднакви, не е дека Вардар се плаши од Борец, но повторувам, имавме малку време за подготовки, додека нашиот противник, како што и самите велите, одигра добри пријателски натпревари. Но, и пред стартот на минатата сезона се велеше дека ќе се бориме за опстанок, за долниот дел од табелата, а на крајот завршивме со десет бода пред пред Силекс. Ова е прв меч, имаме млада и полетна екипа, а тоа ќе ни биде мотив плус. Од друга страна мал минус ќе ни биде тоа што доцна ги стартувавме подготовките, имавме само десет дена за тренинзи пред стартот на сезоната. Но, што е тука е, никогаш не бараме алиби, момците покажаа дека знаат да се носат со тежината која ја носи дресот на Вардар и верувам дека од прв до последен ќе дадат максимум за да извлечеме добар резултат.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ