Не добивам работа поради бојата на мојата кожа

57

Во своето последно интервју кое го даде за италијанскиот спортски весник „Газета дело Спорт“, легендарниот репрезентативец на Холандија, Кларенс Сидорф, откри дека не може да најде тренерска работа поради бојата на кожата.

  • Не постои еднаквост кога се во прашање шансите за работа помеѓу тренерите. Бројките тоа го потврдуваат. Во денешниот фудбал нема афроамерикански тренер кој е на некоја важна, силна позиција, изјави Сидорф.

Поранешниот  играч за врска на Ајакс, Интер, Реал (М) и Милан, моментално е без работа. Тој смета дека поради истата причина без работа се и Патрик Виеира и Тјери Анри.

  • Ги прифатив сите понуди кои пристигнаа на мојата адреса, само за да ја докажам мојата вредност. Многу ризикував, затоа што немаше многу понуди и добро знам зошто е така. Вратата мора да биде отворена и тоа за сите, без разлика од каде сте и како изгледате. Најважно од се е дали го имате потребниот квалитет, знаење за да направите нешто или не, додаде Сидорф.

Холандскиот стручњак својата тренерска кариера ја започна како предводник на италијанскиот калчо гигант Милан, пред седум години, а седеше и на тренерското столче во Шензен и Депортиво Ла Коруња, а кратко време беше и селектор на фудбалската репрезентација на Камерун.