Тенискиот свет пред неколку дена го зафати потенцијален скандал, откако беше објавен текст во кој се вели дека Меѓународната тениска федерација (ИТФ) им дозволува на тенисерите да изберат време за допинг тестирање.

Британски „Дејли мејл“ наведе дека тенисерите и тенисерките имаат многу помалку тестирања отколку што е наведено во официјалните книги на ИТФ.

Неколку дена подоцна стигна одговор од тенисерите Медисон Киз и Андреа Петковиќ, кои остро ги критикуваа медиумите кои објавија наводни лажни информации за допинг тестирањата. Тие се осврнаа на наводите дека пред турнирот во Мајами тенисерките најавиле кога ќе направат допинг тест.

  • Ова е опасно и погрешно протолкувано. „Допинг тестот“ што можевме да го „закажеме“ во Мајами беше собирање крвни пасоши, кои се примероци од крв од сите спортисти што им ги даваме секоја година, за да може да се споредат НЕНАЈАВЕНИ допинг тестови со тоа и на тој начин да се истражат абнормалности, изјави Андреа Петковиќ.

Набргу потоа кон објаснувањето се приклучи и Американката.

  • Тие користат „закажани“ крвни пасоши како основа за тестирање на други примероци во иднина. Ме разбудија во 6:30 часот, буквално пред три дена на ненајавен допинг тест. Не го ширете ова лажно ср*ње, додаде Киз.

Новинарот Јаник Шнајдер, кој работеше на споменатото истражување на „Дејли мејл“, изјави дека ИТФ во еден момент размислувал да суспендира „високорангиран тенисер“, но дека ништо од тоа на крајот не се случило.

Не се знае за кого станува збор и која е точната причина за потенцијалната казна.