За време на формалниот државнички банкет што го организираше кралското семејство во Бакингемската палата во чест на официјалната посета на американскиот претседател Доналд Трамп со сопругата Меланија на Велика Британија, жените од семејството се покажаа во најдобро светло.

Дамите од кралското семејство се дотераа со најсериозниот накит од ризницата – блескави тијари.

За време на тридневната посета, американскиот претседател Трамп и неговата сопруга се сретнаа со бројни членови на кралското семејство, почнувајќи од кралицата Елизабета Втора, принцот Чарлс со сопругата Камила, како и војводата и војвотката од Кембриџ.

Кралицата на банкетот носеше тијара со дијаманти и бурмански рубини, комплетирана со ѓердан од истите скапоцени камења. Во нејзината тијара има 96 рубини кои кралицата ги има добиено како дар од народот на Бурма.

Камила, војвотката од Корнвол, во оваа пригода носеше дијамантска Бушерон тијара, позната и како Гревил тијара.

Кејт, пак, ја одбра тијарата Љубовен јазол, соодветна на нејзиниот фустан дело на Александар Меквин.

Единствената ќерка на кралицата, принцезата Ана, на банкетот дојде со тијара од аквамнарин и дијаманти, во комплет со соодветен ѓердан.

Формалните државнички банкети се една од ретките пригоди кога жените од кралското семејство носат тијари. Последната ваква пригода беше во октомври 2018 година, кога кралското семејство беше домаќин на банкет во чест на кралот Вилем Александар и кралицата Максима од Холандија.