Неформално со евроамбасадорот Дејвид Гир: Уживам во добро вино, се опуштам со музика, добар филм или книга

Шефот на ЕУ мисијата во нашава земја, Дејвид Гир со читателите на весникот ВЕЧЕР сподели и една интересна прослава на Божиќ од неговото детство, која секогаш ќе му остане во сеќавање. „Убаво е да се потсетиме како беше да се биде дете на Божиќ! На сите ваши читатели им посакувам среќни празници!“

121

Елизабета АРСОСКА

Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

Дојде во исклучително важен момент и го вложува неговото богато дипломатско искуство за што повеќе ни ја приближи Европа до нас. И се чини дека тоа одлично го прави. Многу темелен и фокусиран, работи на она што го најави уште на првиот ден, а тоа е афирмација на позитивна реформа во интерес на слободите, напредокот и безбедноста на обичните граѓани. И додека јавноста секојдневно е информирана за новините кои се спроведуваат од Европската куќа, за приватниот живот на евроамбасадорот Дејвид Гир многу малку се знае. Токму затоа, кога неодамна правевме политичко интервју за весникот ВЕЧЕР, а беше само неколку дена откако ја доби титулата „Маж странец во Македонија“, награда што ја доделува Џентлмен магазин, се согласи да ни открие и помалку познати факти за себе.

Дејвид Гир, во моментите кога не е на дипломатска должност, се опушта со музика, со добар филм или книга. Ужива во посета на галериите, сака планинарење. Бидејќи истовремено е и британски и белгиски државјанин, навива за два фудбалски клуба: Арсенал и за најстариот белгиски, Антверпен.

„Исто така, редовно пливам и имам долга листа на омилени базени од Брисел до Ерусалим, од Москва до Тбилиси. Овде, кога и да најдам време одам на базенот „Борис Трајковски“, раскажува евроамбасадорот. Открива, дека во ова време на пандемија, она што му недостасува е можноста да се дружи, да се сретне со стари пријатели на убава вечера со добра храна и добро шише вино, и со можност да разговараат до доцните часови.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија,  во Скопје е малку повеќе од една година.

„Од првиот ден, јас и мојот партнер бевме многу топло пречекани во земјава. Тоа не е променето. Нè обзеде добрината и отвореноста на луѓето. Се разбира, првите впечатоци за една земја неизбежно се менуваат со текот на времето, бидејќи почнувате да гледате надвор од вашите лични предрасуди, како што преминувате од општото кон конкретното. Затоа е мошне важно уште од самиот почеток да одвоите време да ги слушате луѓето и да патувате низ земјата. За среќа, луѓето не се плашат да го кажат своето мислење! И беше вистинска привилегија да се патува од град до град, село до село, да се пешачи покрај реките, планинските врвови и долините за да се запознае оваа прекрасна земја, вели со одушевување.

Во овој релативно краток период, пропатувал низ целата земја и вели дека патувањата и излегувањето од главниот град се, всушност, најдоброто нешто од описот на неговите работни обврски. Но, не може да издвои кои се неговите омилени места, оти списокот е бесконечен.

„Тешко е да се избере помеѓу набљудувањето на птиците на Преспанското Езеро, прошетката низ буковите шуми над Крушево или боровите шуми кај Берово. Тука е и панорамата од Шар Планина. Помеѓу Охридското и Преспанското Езеро се наоѓа таа прекрасна точка од која истовремено се гледаат и двете езера. Да го споменам и возењето низ Маврово до Дебар и Струга. Тука се фреските кај Старо Нагоричане или во Охрид или Шарената џамија во Тетово. Во Охрид е Света Софија. Прекрасниот Македониум е исто така многу впечатлив, а во Скопје не заборавајте на Поштата со својот прекрасен лотос кој ја симболизира преродбата на Скопје по земјотресот, кој инаку е во шокантна состојба и има итна потреба од реставрирање. Секогаш е тука и Водно кога има прекрасно сончево утро. Списокот е бесконечен…, појаснува евроамбасадорот. Македонија ја опишува со трите зборови: убава, разновидна, привлечна.

Нашиот соговорник откри каде и со кого ги прославува божиќните новогодишните празници.

„Планот ми беше да славам со мајка ми и семејството на сестра ми во Англија. Но, омикрон го направи тоа невозможно. Така, ќе прославувам со мојот партнер и пријателите во нашата куќа во Антверпен, Белгија. Всушност, има голема разлика меѓу двете земји. Во Англија, Божиќ се слави на 25-ти со голем ручек, додека во Белгија (и на поголемиот дел од европскиот континент) вечерата на 24-ти го има главното место на прославите. Сепак, и во двете земји, нешто во кое најмногу уживам е денот по Божиќ, кога ќе излеземе на прошетка (без оглед на временските услови), ќе се вратиме дома и ќе се почестиме со остатоците од божиќната трпеза. Некако отсекогаш сум бил на мислење дека храната наредниот ден е уште подобра од она што го јадеме на самиот ден Божиќ“.

Со читателите на весникот ВЕЧЕР сподели и една интересна прослава на Божиќ која секогаш ќе му остане во сеќавање.

„Бев многу близок со дедо ми кој беше свештеник во црквата. Мислам дека имав пет години, кога ме натера да пеам божиќна песна во преполната црква. Мене тоа не ми пречеше бидејќи тој беше до мене, но токму кога почнав да го пеам вториот стих, се слушна многу силно тропање на старата порта од црквата. И на мое големо изненадување, внатре влегоа овчари (и како што ми се чини заедно со овци – што сега звучи малку веројатно). Дедо ми, тогаш на сите нас ни соопшти дека штотуку дојдоа овчари од Витлеем. Сè уште се сеќавам колку многу бев возбуден и зачуден дека вакво нешто може да се случи. Не се посомневав во ниту еден момент, раскажа евроамбасадорот и додаде: „Убаво е да се потсетиме како беше да се биде дете на Божиќ! На сите ваши читатели им посакувам среќни празници!“