„Нетфликс“ првпат ќе снима серија во Македонија

434

„Воопшто не е лесно да се донесат „Нетфликс“ или ХБО, бидејќи станува збор за огромни компании и ова е голем тест за нас дали Македонија може на тоа ниво да одговори на нивните барања. Ова особено е важно за македонската кинематографија, а преку оваа голема продукција македонските филмски работници ќе можат да искусат нешто поразлично“, истакна Лабина Митевска од продукциската куќа „Сестри и брат Митевски“, која е нивен локален продукциски сервис. Продукцијата го најави и филмот „Сирена во Париз“, кој шест недели ќе се снима во Македонија, во кој ќе глумат музата на Алмодовар, шпанската актерка Роси де Палма и францускиот фудбалер и актер Ерик Кантона

Во Македонија ќе се снима дел од новата играна серија насловена „Во ноќта“, која е во продукција на светски познатиот стриминг-сервис „Нетфликс“, а негов локален продукциски сервис ќе биде „Сестри и брат Митевски“. Како што најави продуцентката Лабина Митевска, на денешната прес-конференција, снимањето почнува на почетокот на октомври и ќе трае околу осум дена, сите сцени ќе бидат на Скопскиот аеродром ТАВ. Станува збор за мини серија од 8 епизоди, а речиси целата прва епизода ќе се снима во нашата земја, додека другите во Бугарија.

„Воопшто не е лесно да се донесат „Нетфликс“ или ХБО, бидејќи станува збор за огромни компании и ова е голем тест за нас дали Македонија може на тоа ниво да одговори на нивните барања. Ова особено е важно за македонската кинематографија, а преку оваа голема продукција македонските филмски работници ќе можат да искусат нешто поразлично“, истакна Митевска, која додаде дека од „Нетфилкс“ доаѓаат околу 100 луѓе.

Таа најави и дека на крајот на август во Македонија ќе почне да се снима и долгометражниот игран филм насловен „Сирена во Париз“. Тоа е француско-белгиска копродукција, што ќе биде дистрибуиран од „Сони пикчрс“. Македонски копродуцент во филмот ќе биде продукцијата „Сестри и брат Митевски“, а автор на проектот е писателот и музичарот Матијас Малзиес.

„Во Македонија ќе се снима 6 недели, а само осум дена во Париз. Филмот е прекрасна приказна, научнофантастичен филм. Голем дел од ентериерите кои треба да се снимаат во Париз ќе се снимаат во Македонија. Во филмот улогите ги толкуваат Ерик Кантона и музата на Алмодовар, шпанската актерка Роси де Палма. Веќе сме во подготовка за снимањето, почнавме студијата да ги градиме и на 30 август почнуваме да снимаме една недела во Битола, а потоа сè ќе се снима во Скопје, во студијата на ’ФХЗХ’ “, посочи Митевска, која додаде дека даночното олеснување, што го нуди нашата земја за снимање филмски проекти, помогнало да се донесе оваа продукција, а тоа профункционирало особено од минатата година.

„Успехот на македонскиот филм во последнава година и пол е фантастичен, со што покажавме дека можеме да имаме квалитетни продукции, квалитетни филмски работници и дека Агенцијата за филм одлично функционира, и тоа носи резултати од економско значење“, додаде Митевска.

За директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, Хрватска многу заработила на серијата „Игра на престолите“.  „Добро, ние го немаме Дубровник, но за цела година да можеме да имаме по две-три серии, од кои по една две епизоди да се снимаат овде, многу добро ќе биде за нашата земја, и од финансиски и од културолошки аспект“, рече Тозија, кој посочи дека сега работат на тоа во Македонија да се снима една серија, од која дел треба да се снима во Охрид. „Но тоа значи навистина да го претстави Охрид, а не, на пример, Монте Карло да се снима во Охрид. Со тоа може да се има тој културолошки момент и да се видат убавините на Охрид“, додаде тој.

Тозија посочи и дека летово речиси пет филмови и ТВ-серија се снимаат истовремено во нашата земја, а се работи за играните филмови: „Стела“ на Дрим фектори, „Сестри“ на Дина Дума, „М“ на Фокус Покус, „Снежана умира на крајот“ на Кристијан Ристевски и македонско-турската продукција „Најтешкото нешто“.

Воедно потсети и дека првпат македонски документарен филм („Медена земја“) од 25 јули е на репертоарот во кината низ Америка, а истовремено македонскиот краток филм „Скаут“ е на престижниот филмски фестивал „La Shorts“, од каде што се квалификуваат филмови за Оскар и БАФТА.

Инаку, продукцијата „Сестри и брат Митевски“ со филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Теона Митевска, влезе во трка за наградата „Лукс“ што ја доделува Европскиот парламент, а е номиниран заедно со „Кралство“ на Родриго Сорогојен и „Нерешениот случај Хамарскјолд“ на Мадс Бругер. (Н.И.Т.)