Нетанјаху го одложи обраќањето, коалициските партнери бараат спроведување на реформата на судството

44

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одложи денешното јавно обраќање, во кое се очекуваше да објави дека ќе го суспендира законот за реформи во правосудството, откако неговите коалициски партнери му порачаа да не отстапува, објави израелскиот Канал 12.

Засега нема потврда за информациите од кабинетот на Нетанјаху.

Коалицискиот партнер на Ликуд на Нетанјаху, Итамар Бен-Гвир, утринава на Твитер напиша дека Владата мора да продолжи со судските реформи и „не смее да им се предаде на анархистите“, по синоќешните масовни протести.

Бен-Гвир тоа го објави на Твитер откако израелските медиуми објавија дека Нетанјаху ќе се обрати утрово.

„Џерусалим пост“ јавува дека граѓани утрово повторно демонстрираа пред Кнесетот и домот на министерот за економија.

Во меѓувреме, беа прекинати и летовите од аеродромот во Тел Авив, а најголемиот синдикат во Израел почна национален штрајк во повеќе сектори, приклучувајќи се на протестите против планот на владата за реформи во судството.