За разлика од повеќето спортови во Македонија, каратистите бележат сè позначајни резултати на меѓународно ниво, па токму од нив се очекува да го „обелат образот“ на нашата земја кога се во прашање Олимписките игри во Токио, кои се на програмата од 23 јули до 8 август оваа година.

Иако пласманот на најголемиот спортски собир сè уште не е резервиран, јавноста се надева на голем дострел токму од нашите „доктори во бело“, кои ќе имаат можност на турнирот во Париз (месец мај) да ја обезбедат толку посакуваната виза за настап во Токио.

Меѓу најсериозните кандидати е најдобриот македонски каратист Емил Павлов, кој изминатиот период се покажа во одлично светло на турнир од Премиер лигата што се одржа во Истанбул. Тој на силниот турнир во Турција го освои бронзениот медал со што докажа дека неговата врвна форма не е доведена во прашање и покрај долгата пауза која настана поради коронавирусот, а воедно влева надеж за голем дострел на Олимпијадата.

Двократниот европски шампион (во 2014 и 2018 година) и носител на бронза од Европските игри во Баку во 2015 година, во интервју за дневниот весник ВЕЧЕР ги откри своите очекувања за претстојниот период и желбата за обезбедување норма за настап на најголемиот спортски настан годинава.

Иако на ЛОИ има место за само по десет натпреварувачи, во секоја категорија, (тројца од квалификацискиот  турнир во Париз, четворица од олимписката ранг-листа, еден претставник на домаќинот на Игрите и двајца со т.н. вајлд-карта), Павлов својата шанса ќе ја бара токму во Франција, каде што со освоен медал во категоријата до 67 килограми ќе го трасира патот кон Токио.

Главна цел секако е учество на Олимпијадата во Токио. Колку време се подготвуваш за квалификациите во Париз?

  • Токму така моја главна цел е Олимпијадата, сон на секој спортист е учество на Олимписките игри… Па, јас за оваа Олимпијада се подготвувам откако каратето влезе во Олимпиското семејство (во 2016 година) и се надевам дека ќе бидам максимално подготвен и ќе учествувам на Олимпијадата во Токио оваа година.

Можеби олимпиското злато ти е главна цел, но колку е тоа достижно со оглед на големата конкуренција?

  • Мојот најголем сон е олимписко злато, а и јас верувам во тоа дека можам да го освојам, иако конкуренцијата е пеколна. Сакам многу предизвици, а тоа ќе ви го илустрирам преку еден пример. Пред да станам европски првак, Македонија дотогаш немаше златен медал и беше недостижен, но сега сум два пати европски сениорски шампион. Јас верувам во своите квалитети и мислам дека можам да дојдам до таков голем успех.

Дали ќе се вакцинираш доколку обезбедиш норма за настап на ОИ во Токио?

  • За вакцинацијата имам некои информации дека секој учесник ќе мора да биде вакциниран, па не знам, доколку треба и јас би се вакцинирал.

Дали твојата форма во моментов е на највисоко ниво?

  • Можам да кажам дека сум во задоволителна форма во овој период, со текот на годините научив како правилно да ја темпирам формата за главните натпревари, така што мојата форма ќе ја темпирам за во мај и јуни да биде на највисоко ниво, кога впрочем се најважните квалификации за ОИ и исполнување на мојот сон.

Спортот секогаш бара максимална посветеност. Која е најголемата жртва што си ја дал за да успееш во каратето?

  • Секако дека врвниот спорт сака максимална жртва, а јас сум жртвувал до сега многу, пред сè во оние тинејџерски години каде што е многу тешко да размислуваш на таков начин дека мора да бидеш професионалец. Легнував рано, станував рано за на тренинг, пропуштав забави со друштвото, а сите знаеме колку тоа го сака еден млад човек во тие години. Тоа беше голема жртва, но спортот не ги дозволува сите работи заедно.

За крај, ќе можеш ли да ни откриеш некоја анегдота од твојот спортски живот?

  • Ќе откријам нешто што се случи во 2014 година, неколку месеци пред да станам европски шампион. Се пријавив на конкурс за полицаец, бидејќи во нашиот спорт нема многу финансии и морав да работам нешто дополнително , а во тоа време ми се виде дека покрај спортот можам да работам и во полиција. Ги поминав сите тестирања со максимум поени, но не ме примија, а примија некои што навистина не можеа ниту два круга да истрчаат. Бев разочаран, но после еден месец отидов на Европско првенство и станав шампион. Во тие моменти бев уште посреќен што не ме примија, бидејќи од тој ден до ден-денес мојата кариера оди во нагорна линија.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ