Нестрпливо ја чекаме промоцијата на „На патот кон стотката“ и во Скопје!

79

Добрила Чабриќ, во Белград, ја промовираше својата книга „На патот кон стотката“

Познатата и сакана македонска уметница Добрила Чабриќ-Ивановска, завчера, пред голем број белграѓани, ја раскажа својата животна приказна во живо. Во вид на напишана книга. Промоцијата се одржа во српската метропола, во познатиот арт-клуб „Полет“. На нејзиниот 95. роденден! Кај Добрила, на овој убав и исклучителен настан дојдоа  голем број почитувачи на нејзината професионална работа од областа на музиката и на актерството: пејачи, свирачи од КУД „Српска традиција“, оперскиот пејач Илија Николиќ,  инструменталисти, како и нејзиниот спонзор Јагода Крнетиќ-Јевтиќ.

Особено внимание предизвика присуството на  легендарната  Маја Оџаклиевска, која со години живее во Белград. Маја порача дека требало книгата да носи наслов „На патот до првата стотка“, на што Добрила ѝ одговори: „Ти само оди по мојот пат, стигни до стотката, а јас ќе те чекам“. И добија вистинско, силно ракоплескање.

– Кога ќе кажеш најстар, некако звучи старо, а јас никогаш не се чувствувам старо. Кај мене, изворот на младоста е во мојата душа. Сите ме сакаат – рече Добрила на промоцијата.

Вечерта помина во читање на делови од книгата „На патот кон стотката“ на промоторите Рада Лотина и Љиљана Бошковиќ, а имаше и многу, многу  музика.    Сега нестрпливо ја чекаме промоцијата на книгата и во Скопје.  (Љ.А.)