На ниви на границата меѓу населените места Идризово и Кадино, несовесни лица расфрлале од опасниот инсектицид „креозан“, кој е отровен не само за животните туку и за луѓето. – Повикана е полиција, направен е записник и веќе се бара виновникот. Но, поради заштита на животните и луѓето, неопходно е да знаете како изгледа тој отров и како се отстранува. Исклучиво со маска и со ракавици, да се собере со лопата, да се стави во неколку кеси и тие да се фрлат во контејнер – напиша Соња Зашовска на Фејсбук, посочувајќи како најбезбедно да се отстрани од нивите. Граѓани реагираат дека не треба да се загрозува населението при отстранувањето на отровот, туку да се повикаат екипи за кризни состојби

 

На ниви на границата меѓу населените места Идризово и Кадино, несовесни лица расфрлале од опасниот инсектицид „креозан“, кој е отровен не само за животните туку и за луѓето. Предупредувањето за расфрланиот отров во прав во жолта боја на Фејсбук го сподели Соња Зашовска, која посочува како најбезбедно да се отстрани од нивите.

– Повикана е полиција, направен е записник и веќе се бара виновникот. Но, поради заштита на животните и луѓето, неопходно е да знаете како изгледа тој отров и како се отстранува. Исклучиво со маска и со ракавици, да се собере со лопата, да се стави во неколку кеси и тие да се фрлат во контејнер – напиша Зашовска.

Граѓани реагираат дека не треба да се загрозува населението при отстранувањето на отровот, туку да се повикаат екипи за кризни состојби.

Најчесто го ставаат отровот во парчиња салама за да се отрујат глодачи, но често пати цел се кучиња и мачки. На сајтовите што се занимаваат со заштита на животните, како што е „Petface.net“, може да се прочита дека „креозанот“ е во категоријата хемиски средства за прскање овошки.

– „Креозанот“ е многу опасен за сите топлокрвни организми. Труење на куче со „креозан“ се случува речиси секојдневно. Сопствениците и ветеринарите сè почесто се среќаваат со последиците што ги предизвикува отровот. Освен за животните, смртоносен е и за луѓето. „Креозанот“ е прашкаста супстанца, на која, за безбеден транспорт, ѝ се додава вода. На тој начин се добива емулзија што има интензивна, флуоресцентна жолта боја – се наведува на сајтот на „Petface.net“.

Труењето со „креозан“ се препознава по многу високата температура на жртвата, со изразито длабоко дишење, проследено со повраќање. Симптоми се и зголеменото лачење плунка и премаленоста. Кај затруено куче, овој отров предизвикува температура и до 42 Целзиусови степени, што многу бргу доведува до смртен исход.

Пред неколку месеци, на таков начин умре маалско куче во Ново Лисиче, кое беше милениче на децата, кои секојдневно си играа со него. Дали било отруено со ваков отров, не се знае. Продажбата на овој инсектицид е забранета, бидејќи е опасен и за луѓето, особено за децата. Смртоносната доза за човекот е 5 до 50 милиграми за килограм тежина, што значи дека децата се најзагрозени и за нив е потребна мала количина за последиците да бидат фатални. Оттука се наметнува и прашањето дали тој што го расфрла отровот е свесен каква трагедија може да предизвика.

(С.Бл.)