Подземните гаражи во трговскиот центар „Антико“ во населбата Карпош 4 се преполни со разновиден отпад.  Несовесни граѓани, а и самите дуќанџии фрлале сè и сешто, не мислејќи дека на тој начин го загрозуваат сопственото и здравјето на останатите, иако за тоа има поставено соодветни садови.

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ велат дека во дадениот случај тие немаат ингеренција да делуваат на терен, бидејќи станува збор за приватни објекти.

 

-Наша ингеренција и должност е собирање и транспорт на отпадот од поставените садови, како и одржувањето на хигиената на јавните и сообраќајните површини (главните улици и булевари што се во надлежност на Градот). Ваквите случаи се решаваат со инспекциски налог од страна на Општината. Ние не сме инспекција за да констатираме и санкционираме – изјави Ана Марија Бранѓолица, портпарол во јавното претпријатие „Комунална хигиена“.

Таа додаде дека во случајот, бидејќи станува збор за приватен имот, единствени што би можеле да испратат налог за чистење се инспекциските служби на Општината Карпош или Градот.

Од Општина Карпош информираа дека во неколку наврати го чистеле потегот околу ТЦ „Антико“.

-Потегот околу ТЦ „Антико“ е чистен во неколку наврати од страна на комуналните служби на Општината. Меѓутоа, за жал, повторно и повторно на истата локација се фрла ѓубре, отпад, иако со тој простор стопанисува АД „Бетон“, потенцираше Димитар Караташев, советник за комуникација и односи со јавноста на градоначалникот на Општина Карпош.

Тој додаде дека Општината испратила и писмен допис до АД „Бетон“ за да се грижат за одржување на целиот комплекс бидејќи стопанисува со него.

Од Општината велат дека нивните служби повторно ќе излезат на терен, ќе ја увидат фактичката состојба и доколку е потребно ќе преземат активности за повторно чистење на потегот.

-Сепак, испраќаме апел до сите граѓани и дуќанџии, бидејќи во долниот дел на овој комплекс има повеќе правни субјекти, да водат сметка за правилно одлагање и фрлање на отпадот, со цел да не се загадува животната средина, потенцираше Караташев.

(А.П.)