„Оваа изложба ја потврдува маестралноста во постигнување на неверојатна експресивност во портретниот жанр, кој се води како еден од најтешките жанрови во ликовната уметност. Неговиот талент и способност да проникне во карактерните „тајни“ на личностите кои ги портретира го прават дефинитивно еден од најзначајните македонски портретисти“, велат од Националната галерија

Во Даутпашиниот амам во Скопје од завчеравечер, е поставена неверојатно моќната изложба „Портретот во фокус“ на најстариот жив скулптор од македонската ликовна сцена, маестро Илија Аџиевски (96). Отворањето на поставката на која македонската јавност имаше можност да се запознае со извонредно богато творештво на Аџиевски, беше проследено со голем интерес и присуство на бројни на љубители на уметноста и почитувачи на неговото дело.

„Оваа изложба го потврдува големиот портретен виртуозитет на Аџиевски, неговата маестралност во постигнување на неверојатна експресивност во портретниот жанр, кој се води како еден од најтешките жанрови во ликовната уметност. Неговиот талент и способност да проникне во карактерните „тајни“ на личностите кои ги портретира го прават дефинитивно еден од најзначајните македонски портретисти, место кое за жал досега не му било сосема цврсто загарантирано, но со оваа изложба чиниме дека ги поместивме хоризонтите и ја извлекуваме суштината на виделина“, велат од Националната галерија која е и организатор на изложбата на Аџиевски.

Пред присутните беа претставени портретите на негови пријатели, духовно блиски личности, сограѓани со кои се познавал и го делел задоволството и креативниот занес во создавањето на уметнички творби. Меѓу нив имало и други ликовни уметници, поети, филозофи, писатели, естетичари, историчари на уметност или сродни по продуховеност пријатели…

„Големината на Аџиевски лежи и во неговиот непокор, т.е. во барањето засолниште и спас од животните препреки (како еден од преживеаните Голооточани) токму во креативноста на своите вешти раце, кои ја трансформирале енергијата од бес, немоќ и лутина, во моќ и скулптурална заробена експресија“, додаваат од Националната галерија.

За маестралноста на делото на Аџиевски кој имал трнлив животен и творечки пат со лични и професионални премрежја, на отворањето зборуваа директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова-Ќерими, кураторот Ана Франговска, виш кустос во галеријата и д-р Јелена Лужина, театролог.

Старова Ќерими во своето обраќање истакна дека три главни одредници се следат во неговиот скулпторски опус, и тоа: јавни споменици, фигурини и портрети.

„Но  покрај постигнувањата и јавната потврда за неговиот придонес кон споменичната уметност, скулпторскиот жанр кој најмногу му лежи и со кој ги постигнува врвот во својот индивидуален уметнички развој и најголемите достигнувања како индивидуален уметник, е полето на портретната уметност…“, кажа Старова-Ќерими. Таа додаде дека „оваа изложба ќе покаже дека Илија Аџиевски има место кое заслужено му припаѓа во антологиите на македонската ликовна уметност“.

Поставката ќе може да се проследи во наредните пет недели. (Д.Т.)

Фото: М. Аргакиева