Неодржаниот краневал не и дозволи на „короната“ да влезе во Струмица

49

Вековната традиција на Струмичкиот карневал годинава беше прекината поради пандемијата на коронавирусот. Но, како што велат струмичани, секое зло за добро. Неодржаниот карневал не и дозволи на „короната“ да влезе во градот под Царевите Кули и досега не е регистриран ниту еден докажано позитивен на Ковид-19.

Годинашното издание на Интернационалниот струмички карневал требаше да се одржи од 26 февруари до 3 март, а главната карневалска вечер беше закажана за 29 февруари. На неа требаше да учествуваат 46 карневалски групи, со над 1.800 карневалисти.Првите заразени од Ковид-19 во државата беа регистрирани на 26 февруари, а меѓу нив имаше и сомнителни струмичани, кои беа упатени во домашна изолација.

Одлуката дали да се одржи или не карневалот, кој годинава одбележува три децении од организираната форма, најтешко му падна на претседателот на Организациониот одбор, Александар Цицимов, пренесува МИА, кој и самиот одбележува 30 години на чело на еден од најдобрите европски карневали.

-Од оваа дистанца јас сметам дека донесовме правилна одлука, иако мене ми е жал и се уште не можам да си дојдам на себе, бидејќи пропадна јубилејот на карневалот и мојот личен јубилеј. По завршувањето на концертот под маски организиравме еден состанок и по консултации со надлежните донесовме одлука да ги прекинеме карневалските празнувања на 28 февруари, се присетува Цицимов.

Објаснува дека пред самиот почеток на струмичкиот најголем сигнал за одложување било јавувањето на карневалска група од Грција, која го информирала дека се одложени сите тамошни карневали, па и тој во Патра, кој е еден од најголемите.

-Ние организиравме заедничка средба со нашите карневалски групи и разговаравме со нив дали ќе настапат. Повеќе од групите излегоа со став да нема карневал, односно ни кажаа доколку се донесе одлука да се организира главната карневалска вечер тие ќе настапат, но не гарантираат дека родителите ќе ги пуштат децата, рече претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов.

Градоначалникот Коста Јаневски, пренесе МИА, во повеќе наврати потенцира дека заедно со сите преземени мерки, неодржувањето на карневалот можеби е клучно што во Струмица се уште нема заразени од коронавирусот.

-Од оваа временска дистанца горд сум што бевме прва општина која донесе една многу важна одлука, а тоа е откажувањето на струмичкиот карневал-една од најзначајните и најмасовните манифестации со долга традиција, белегот на нашиот град. Тоа е интернационална манифестација во која учествуваат странски групи и е посетена од голем број домашни и странски гости. На 26 февруари беше дијагностициран првиот пациент со корона вирус во нашата земја, а главната карневалска вечер требаше да се одржи на 29 февруари. Со откажувањето на карневалот сме донеле правилна одлука за заштита на здравјето на нашите граѓани, смета градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Директорот на Центарот за јавно здравје во Струмица, Петре Витанов, смета дека состојбата со коронавирусот во Струмица се држи под контрола.

-На сите сомнителни им се земаат брисеви, им се наоѓаат контактите и тие веднаш се упатуваат во изолација, односно самоизолација. Пунктот работи секојдневно и сите кои ги исполнуваат условите се тестираат. Досега се тестирани над шеесет граѓани и имаме позитивни само двајца и тие веќе се излекувани. Но, тие не се на територијата на општина Струмица, туку еден беше во општина Босилово и другиот во општина Ново Село, односно се на територијата која ја покрива нашиот Центар, рече Витанов.

По донесувањето на одлука за неодржување на Интернационалната карневалска вечер, беше кажано дека по завршувањето на кризната состојба може да се утврди термин за да се повтори карневалот. Првиот човек на Струмичкиот карневал смета дека сега е тешко да се каже дали тој повторно ќе се одржи и кога.

-Ако во светот се откажуваат врвни спортски и културни манифестации, како што е олимпијадата, која се одржува еднаш на четири години и каде се вртат големи пари, апсурдно е ние да размислуваме за карневал.Тешко е да се донесе одлука да се организира во брзо време, можеби понатаму. Штетата е голема, бидејќи маските на учесниците стојат подготвени. Најдобро е да чекаме што ќе покаже времето, односно кога ќе имаме релеватни податоци дека е сигурно, веројатно нешто ќе направиме, смета Цицимов.

На крајот додаде уште еднаш дека е длабоко убеден во правилноста на одлуката да се откаже карневалот, а најдобар доказ за тоа е што по струмичкиот не се одржал ниту еден друг карневал.