“Она што е необично и карактеристично за овој филм е што естетски и визуелно изгледа многу поразлично од се она што сме виделе кај нас. Тоа е токму и причината што влеговме во овој проект кој е всушност научна –фантастика, што како жанр многу ретко се снима кај нас. Целиот тој обмислен свет на режисерот е многу посебен. Ќе биде многу интересно овие наши локации кои се културно богатство да се видат во еден ваков проект“, вели за весникот ВЕЧЕР Светислав Подлешанов од Опиум филм

 

 

Продукцијата на „Mainstream Pictures LLC“ од Киев, Украина, дел од сцените на научнофантастичниот филм „Празникот на хризантемите“ („Chrysanthemum day“) дебитантско остварување младиот украински режисер Симон Мозгави, ги снимаше и на локациите во државата, поточно во Спомен костурницата во Велес и „Македониумот“ во Крушево. Македонскиот дел од овој филмски проект кој е  копродукција на повеќе држави е Опиум филм.

„Снимањето на филмот во Македонија е целосно завршено и се одвиваше од 19 до 29 март. Останува дел од сцените да се доснимаат во Србија и Хрватска. Инаку, се очекува филмот да биде завршен кон крајот на 2022 или почетокот на 2023 година. Она што е необично и карактеристично за „Празникот на хризантемите“ е естетски и визуелно изгледа многу поразлично од сето она што сме виделе кај нас. Тоа е токму и причината што влеговме во овој проект кој е всушност научна фантастика, што како жанр досега не е снимано кај нас. Целиот тој обмислен свет на режисерот е многу посебен. Ќе биде многу интересно овие наши локации кои се културно богатство да се видат во еден ваков проект“, вели за весникот ВЕЧЕР Светислав Подлешанов од „Опиум продукција“.

Како што додава, соработката со екипата од Украина, која броеше над триесетина луѓе беше извонредна и покрај сите тешкотии кои се јавија при снимањето, како што е воведување на полициски час, работа во услови на пандемија, потреба од посебна дозвола за работа, снегот и тешките временски услови…

“На крај се заврши како што треба. Сет дизајнерот Влатко Чочоровски со македонскиот тим работеа на огромните шестметарски статуи во „Македониумот“ за потребите на филмот, како и на вештачкиот ѕид во Спомен-костурницата во Велес што на крај се отстрани и се беше вратено во првобитната состојба“, додава Подлешанов.

Инаку, по повеќемесечни претходни подготовки и изградба на комплексна сценографија во Велес и во Крушево, снимањето на филмот успешно заврши за десет дена, велат од Опиум филм.

Оваа научнофантастична – дистописка драма, зборува за односите помеѓу млада лекарка и нејзиниот пациент стара „жена-цвеќе“, позната како исцелител која мистериозно преживува нуклеарна експлозија, но целосно ја губи меморијата и идентитетот. Филмот го следи патот на враќање на нејзината меморија.

„По својата структура, тоа е историја-сложувалка, каде што сите настани не се претставени по хронолошки ред. Започнува од средина, не враќа кон почетокот и не води кон крајот каде што се дава објаснување на приказната. Во овој филм посебно внимание се посветува на визуелната работа. Црно-белата статична слика и недостатокот на дијалози со футуристички локации ја прават приказната напната до крај. Тоа е филм за работи кои не можеме да ги разбереме до крај. Станува збор за нежна како цвет, но не и помалку ефикасна моќ – дарба за лекување“, велат од украинската продукција.

Филмот „Празникот на хризантемите“ е меѓународна копродукција помеѓу повеќе држави Украина, Македонија, Србија и Хрватска.  (Д.Т.)