Министерот за образование и наука, Арбр Адеми соопшти дека со СОНК е постигнат договор, платите во основното, средното и високото образование да биде покачена за 10 отсто од 1 јануари 2020 година.
-Оваа средба создаде историски момент. Одлучивме да ги покачиме платите за 10 отсто од 1 јануари, 2020 година. Ова важи за сите вработени во основно, средно и високо образование. Со оваа одлука се враќа дигнитетот на наставничката професија. Јас сум горд. Интензивно се преговараше, се консултиравме и во следниот период ќе продолжиме со подобрување на статусот на сите вработени во образованието“, изјави Адеми по денешната средба со претставниците од СОНК.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков рече дека конечно нивното барање е прифатено, но и дека следат нови рунди преговори во иднина за нови прашања кои, како што рече се отворија во текот на „овој мачен и тежок период на преговори“.
СОНК вчера одлучи да го стави во мирување претходно најавениот штрајк, предвиден за понеделник, додека не се усогласат околу терминот за исплата на повисоки плати.
Од август 2018 до сега, платите во образованието беа зголемени за 10, 8% и со новите 10%, СОНК ќе се приближи до над 21% од бараните 25, кои ги темелат на истиот процент на зголемување на минималната плата во државата, во последниве години.