Нема термини за вакцини за сезонски грип! – Матичните лекари мака мачат да им закажат вакцинација на своите пациенти

Што се случува со вакцините за сезонски грип кои според оценките на здравствените власти оваа сезона се попотребни од било кога поради пандемијата со коронавирусот. Ситуацијата со која се соочуваат матичните лекари и граѓаните на терен не е розова - матичните реагираат дека не се во можност да закажат термин на пациентите на кои им следува бесплатната вакцинација преку системот Мој термин. Од Министерството за здравство за весникот ВЕЧЕР, велат дека вакцини против сезонски грип има за сите што имаат потреба од вакцинација.

126

Што се случува со вакцините за сезонски грип кои според оценките на здравствените власти оваа сезона се попотребни од било кога поради пандемијата со коронавирусот. Ситуацијата со која се соочуваат матичните лекари и граѓаните на терен не е розова – матичните реагираат дека не се во можност да закажат термин на пациентите на кои им следува бесплатната вакцинација преку системот Мој термин.

-Во петокот ги чекавме цел ден термините на Мој термин за да можеме да им закажеме на нашите пациенти вакцинација. Беа пуштени дури околу 18 часот и веднаш сите беа зафатени. Навистина не знаеме што се случува, кој и како за пет минути ги резервирал сите термини, велат матичните лекари од Скопје и Гостивар кои ја објаснија состојбата на терен. Тие велат дека едноставно не знаат како да им објаснат на своите пациенти, дека во старт сите термини се зафатени и дека нема да можат да им закажат вакцинација.

Побаравме одговор од Министерството за здравство, што се случува со термините за вакцинација против сезонски грип, проблемот на кој се жалат матичните лекари. Од Министерството ни одговорија дека вакцини против сезонски грип има за сите што имаат потреба од вакцинација.

-По спроведените анализи на начинот на закажување на термин за вакцинација против сезонски грип, не се утврдени недостатоци, туку станува збор за системско менаџирање на термините за вакцинација. Имено, се наоѓаме во период на вонредна, здравствена состојба каде физичка и временска дистанца помеѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Од таа причина системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор. Секој петок од тековната недела се отвораат термините за вакцинација за наредната недела, одговорија од Министерство за здравство за весникот ВЕЧЕР.

Вакцинацијата против сезонски грип започна пред една недела, а интересот поради ковид-19 е поголем од претходните години. Скопје е еден од градовите во кои беа пуштени вакцини на првиот ден од вакцинација. Во главниот град бесплатната вакцинација се врши во шесте поликлиники на територијата на град Скопје, и тоа во Ѓорче Петров, Букурешт, Чаир, Бит-пазар, Ченто и Јане Сандански во рамките на Здравствениот дом – Скопје.

Според Министерство за здравство набавени се 40.000 дози од четиритипни вакцини, што е за 12 000 повеќе од лани, кои се наменети за бесплатна вакцинација на ризичните групи, во кои спаѓаат стари лица на возраст над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години. За да се вакцинираат, граѓаните треба да закажат термини преку својот матичен лекар.

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека дел од стратегијата во справувањето со ковид-19 е и да се зголеми бројот на бесплатните сезонски вакцини против грип кои не се задолжителни. Ова, според министерот е многу важна мерка за заштита од коронавирусот, особено кога станува збор за најранливите групи. (В.М.Б.)