Ракометарите на селекцијата на Данска како и повеќето спортисти кои учествуваат на Олимписките игри, не го криеја незадоволството заради одржување на истите без публика.  Причината за ваквите Игри е пандемијата со коронавирусот  и лошата организација на истите.

Селекторот на данската ракометна репрезентација Николај Јакобсен, порача дека не гледа никаква смисла во одржување на Игрите под вакви околности.

До заминувањето во Олимпиското село Данците се сместени во луксузен хотел на брегот на островот  Окинава. Не им е дозволено да ја користат плажата ниту базенот во склоп на хотелот. На  играчите и стручниот штаб не им е дозволено ниту да го напуштат хотелот.   

-Морам да кажам дека не гледам никаква смисла во ваквото одржување на Игрите. Не разбирам. Имам впечаток дека сето ова се прави само за луѓето кои се надвор од спортот, а на штета на спортистите заради кои Олимписките игри би требало да постојат, изјави тренерот на Данска, која е актуелен светски и олимписки шампион од Рио де Жанеиро во 2016 година.

-Ни кажаа дека условите ќе бидат подобри од овие во Окинава. Да знаевме дека ќе биде вака ќе заминевме веднаш во Токио каде што е сместен тренинг кампот каде знаеме дека движењето е ограничено, заврши Јакобсен.

Данска на олимпискиот турнир е во групата со селекциите на Португалија, Јапонија, Египет, Бахреин и Шведска.