Нема поголем губитник од Хаким Зијеш

110

Репрезентативецот на Мароко, Хаким Зијеш, е дефинитивно најголем губитник кога е во прашање зимскиот преоден рок. Крилниот напаѓач ги договори личните побарување со раководните лица на францускиот гигант ПСЖ и во Париз чекаше лондонскиот премиерлигаш Челзи да ги испрати, потпишани, сите потребни документи. На крајот, по серија бизарни настани, трансферот му пропадна буквално во последните минути од преодниот рок.

Клубовите сè уште преговараа кога ги помина Зијеш задолжителните медицински тестови во Париз, чекајќи ја документацијата со која ќе биде потврдено неговото позајмување од Челзи до крајот на актуелната сезона.

По интензивните преговори дали ПСЖ ќе го купи мароканскиот репрезентативец, на што инсистираше Челзи, или само ќе го позајми до крајот на сезоната, што беше желба на парискиот клуб, конечно беше постигнат договор за позајмување.  Потоа, сето тоа пропадна поради неверојатните пропусти што ги направија челниците на „Стемфорд бриџ“.

Француските новинари дознаа дека Челзи најпрвин испратило погрешно потпишан документ. Откако во ПСЖ ја воочиле грешката и реагирале, уште еднаш биле испратени документите од Лондон, но на погрешна адреса.

Во Париз, наводно се бесни и подготвуваат жалба до здружението на француски прволигаши. Токму на таа адреса, наместо до ПСЖ, според француските медиуми, Челзи ја испратило потребната документација. Кога пристигна во парискиот клуб, преодниот рок беше завршен.