Европската Унија ќе воведе дигитални сертификати за вакцинација. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека земјите-членки треба да одлучат што ќе може да се прави со сертификатите и дека тие ќе се користат на ниво на ЕУ за функционирање на единствениот пазар.

Фон дер Лајан изјави дека ќе бидат потребни најмалку три месеци да се воспостави интероперабилен систем на сертификати за вакцинација во ЕУ.

„Системот ќе поддржува информации за вакцинацијата на една личност, негативен ПЦР тест или имунитет. Потребна ни е брза имплементација доколку сакаме овие сертификати да бидат функционални пред летото“, заклучи фон дер Лајен.

ЕУ потенцира дека сè уште има многу отворени политички и научни прашања кога станува збор за сертификатите за вакцинација, односно за што ќе се користат или дали вакцинацијата значи прекин на пренесувањето на инфекцијата.

Од друга страна, се поставува прашањето како и под кои услови ќе можат да патуваат оние кои не се вакцинирани. За нив веројатно ќе важат условите од минатата година, односно ќе бидат принудени на ПЦР тестови или евентуално карантин за да отпатуваат во друга земја. Сигурно секоја земја сама ќе одлучува и можеби ќе ги затвора границите за невакцинираните.