Нема оценување само со тестови – петки ќе се добиваат за континуирано знаење!

253

Со новата концепција на наставната програма децата од најрана возраст ќе учат зa мултикултурализам и граѓански вредности, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска по работниот состанок со Милутин Станчиќ, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците.

– Управата како орган на државната во состав на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се грижи за целосна примена и реализација на уставните и законските права на припадниците на заедниците во сите степени на образовниот систем, развојот и унапредувањето на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, промовирање на принципите на мултиетничност, кохезија и заедништво меѓу учениците преку поттикнување за изучување на јазикот и културата на Бошњаците, Власите, Србите, Турците и Ромите, информираат од МОН.

Професорот Кирил Барбареев, истакна дека креирањето на Концепцијата за основното образование не е направена за краток период, туку таа претставува голема слика на она што како работна група го замислуваме и гледаме, што треба да се реализира во период од пет години.

-Концепцијата не е она што прозвучи во јавноста дека е копиран финскиот модел, туку дека се консултирани многу воспитно-образовни модели. Вистина е дека се пристапи врз основа на контекстот на општеството, врз основа на интеркултурноста, на потребата од посоцијална кохезија внатре и една од појдовните основи на концепцијата е всушност интеркултурата. Првата точка на концепцијата се учениците и децата за кои го создаваме воспитно-образовен систем. Вториот момент се наставниците. Знаете во овие 20-30 години се случија различни состојби со реформи со концепции, со дебати во подигање на нивото и голем дел од системот има голема недоверба, што е тоа што сега се случува, што се тие новини, што овие професори измислуваат или сакаат, кои се сега овие егзибиции. Така да на различно ниво е сензитивна јавноста”, рече Барбареев.

Барбареев истакна дека работната група ги има земено во предвид сите прашања коишто сега се отвораат во јавност и дека крајната цел на концепцијата е подобрување на резултатите од учење и подигање на нивото на воспитно-образовниот систем.

Барбареев објасни дека со концепцијата се предлага формативното оценување, а тоа значи повеќе методи на оценување каде што континуирано се следи ученикот од аспект на есеи, усно испрашување, презентации, тимска работа, односно повеќе аспекти од квалитетот на знаењето на ученикот.

Професорот Лулзим Мемеди кој е член на работната група која ја изготви концепцијата истакна дека слабите резултати на македонските ученици остварени на меѓународните тестирања досега, препораките на ОЕЦД и други меѓународни организации, но и анкетата спроведена меѓу наставниците во основните училишта кои се изјаснија дека промените во образованието биле основните причини за изработка на новата концепција за основно образование.

-Концептот нуди решение според кое учениците ќе почнат да учат со разбирање и логички ќе размислуваат пред да донесат одреден заклучок или да постапат во конкретна ситуација. Односно,  ученикот ќе се стави во една нова улога на истражувач, ќе почне да експериментира и сам ќе доаѓа до заклучоци, потенцираше Мемеди.

Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет на УКИМ по расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование заклучи дека е неопходно предлагачот да ги земе предвид и да ги имплементира и другите стручни мислења на претставниците на институтите за историја, историја на уметноста и археологија, социологија, класична филологија и филозофија чии предмети, како што сметаат од овој Институт, со нацрт-концепцијата исто така се доведуваат под прашање или се редефинираат. (Е.А.)