Македонската сениорска женска ракометна репрезентација ги стартува завршните подготовки за претстојното Европско првенство (4 – 20 ноември) кое ќе се одржи во Скопје, Подгорица, Целје и Љубљана. Македонија ќе биде дел од групата Ц и ќе има исклучително тешка задача против Франција, Холандија и Романија. Селекторот Љубомир Савевски, за претстојниот континентален собир повика 19 ракометарки, а поради повреда ќе отсуствува искусната Елена Ѓорѓиевска.

-Нема за што да се жалиме. Нашата група е „група на смртта“. Секогаш има силни репрезентации на ваквите турнири. Се надевам дека етикетата аутсајдери ќе ни помогне да победиме барем на еден меч. Нема од што да се плашиме, претходно кажав дека можеме само да добиеме од овие натпревари. Целта е да покажеме карактер и дека сме на вистински пат. Имаме млади играчи. Оваа репрезентација треба да ја градиме во наредните 10-15 години. Сите заслужуваат да бидат дел од националниот тим. Реалноста е дека нема подобри од нив во државава. Играњето вакви натпревари ќе ни донесе поголем квалитет во иднина, вели Савевски.

Ракометарките пак добро знаат дека као домаќини имаат одлична можност да си ги измерат силите со европската елита и да соберат големо искуство од континенталниот собир.

-Во овие две недели ќе работиме напорно и се надевам дека ќе постигнеме барем една победа за да се пласираме во наредната фаза. Атмосферата е супер, девојките се како семејство и се надеваме дека сите заедно ќе одиме до победа, изјави Сања Дабвска, пикерот на Локомотива од Загреб.

Настапот на ЕП, македонската репрезентација го почнува на 5 ноември против Франција, по што следуваат дуелите против Холандија (7 ноември) и против Романија (9 ноември).