Комисијата за заразни болести денеска ја разгледа актуелната состојба со ковид 19, но не донесе нови мерки. Останува само советот до граѓаните и препораката да се носат маски во автобус, такси, аптека, болница и при посета на стари лица. Исто така, да се одржува лична хигиена, дистанца при комуникацијата и се препорачува имунизација со бустер доза

Иако се шпекулираше дека Комисијата за заразни болести на денешниот состанок, каде што се разгледуваше актуелната епидемиолошка состојба со вирусот, ќе ги врати маските – задолжително да се носат во затворен простор, сепак, не се случи тоа. Останува само советот до граѓаните и препораката да се носат маски во автобус, такси, аптека, болница и при посета на стари лица. Исто така, да се одржува лична хигиена, дистанца при комуникацијата и се препорачува имунизација со бустер доза.

Можеби, причина за тоа е што бројот на активни случаи во Македонија деновиве се намали и достигна 4.139 заразени со коронавирусот, од кои најмногу – 1.749 се во Скопје. За 24 часа, направени се 1.890 тестови, а регистрирани се нови 844 случаи на ковид 19, од кои 188 се реинфекции.

Како што информираат од Министерството за здравство, во тек е и вакцинацијата за четврта доза против коронавирусот, којашто може да ја примат лицата над 18-годишна возраст, кои примиле три дози вакцина против ковид 19. Вакцината е достапна на сите вакцинални пунктови, без закажување.

Вакцинацијата се спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер“ или на „Модерна“. Препорачаното растојание меѓу третата и четвртата, односно бустер доза е најмалку четири месеци.

Додека во Македонија само е препорака носењето маски, некои од земјите во регионот веќе почнаа да воведуваат мерки за заштита од омикронот. Во Црна Гора, поради влошување на епидемиолошката состојба, воведено е задолжително носење заштитни маски, а здравствените власти апелираат до граѓаните да се вакцинираат против ковид 19.

Здравствените власти во Грција, пак, велат дека нивната намера е да не постојат мерки што би биле задолжителни и оти сè ќе зависи од ситуацијата наесен. Здравствените власти на Грција сакаат ковид 19, иако останува пандемија, да го третираат како ендемично заболување, „каде што нема да има потреба од строги или задолжителни мерки“.

Досега, во земјата се направени вкупно 2.123.580 тестирања на ковид 19. Вкупниот број ковид дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 330.016, бројот на оздравени пациенти е 316.490, на починати е 9.387.

Плеврис: Кон средината на август може да бидат одобрени новите ажурирани вакцини за сојот омикрон

Според информациите што ги имаме од компаниите, кон средината на август може да биде фазата на одобрување на вакцините кои се ажурирани за сојот омикрон, односно не само што штитат од тешко заболување туку и од инфекција со омикрон, а малку подоцна ќе ги вклучат и варијантите четири и пет, кои сега доминираат, рече министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, во интервјуто за грчкото радио „Скај 100,3“, јави дописничката на МИА од Атина.

Објасни дека токму поради новата ажурирана вакцина која ќе заштитува и од омикрон, повеќето од нивните нарачки на вакцини ги префрлиле за кон крајот на есента.

Во однос на текот на пандемијата во земјата, министерот за здравство истакна дека во овој момент постои стабилизирање на новиот бран што зеде замав во јуни и во јули и оцени дека во следните седмици ќе има пад на бројот на заразени.

– Очекуваме дека од септември ќе има нов бран, исто како што досега функционираше пандемијата, но единствената разлика што ја имаме во споредба со претходниот период е што имаме имунизациска покриеност на населението и имаме антивирусни лекови за широка употреба – објасни Плеврис.

(В.Ма.)