Интервју со Невзат Бејта: Нема нова партија, не си одиме од ДУИ

Кој е Артан Груби да бара помирување? Тој е таму каде што е по предлог на Али Ахмети и нема што да бара, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, Невзат Бејта, долгогодишен функционер од редовите на ДУИ, кој сега е дел од Огнената група. Бејта во интервјуто зборува за состојбите во Мала Речица, и за улогата на Артан Груби во расколот во партијата. Одговара зошто Ахмети пее, наместо да дебатира. Во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, поранешниот градоначалник на Гостивар, коментира и за очекувањата од најавеното формирање на т.н. Европски фронт. - Помирување може да бара само Ахмети, да ги викне двете страни и со аргументи да нè сослуша. Ако смета дека не сме во право, нека нè исклучи од партијата, тука ќе се дебатира па централното претседателство нека донесе одлука. Ако сме ние штетни за партијата, нека гласаат, нека нè исклучат. Секоја партија дебатира, и одлуките пред да се објават се дебатираат во партискиот органи, а Артан Груби така како што се однесува, тој мисли дека тој е лидер на партијата, и сите во партијата така мислат, вели Бејта во одговорите за весникот

914

Господине Бејта, што се случува во ДУИ? Може ли да се каже дека за првпат од постоењето, најголемата албанска партија во Македонија е на раскрсница?

-Во ДУИ треба еднаш засекогаш да почне да се почитува демократијата, а тоа значи да се почитуваат одлуките на сите партиски органи, а во моментов тоа не функционира. Не се почитуваат ограноците, претседателство.., ние имаме партиски Статут и претседателот треба тој ред да го воспостави, но се меша Артан Груби. И лидерот на партијата треба да работи според партискиот статут, без разлика кој е лидер – тој го предлага статутот на партијата и тој најмногу треба да го почитува. Кај нас тоа не се почитува и затоа ние го дигнавме гласот, сакаме  сите проблеми што ги има партијата и членството и гласачите, што ни дале доверба, да се дискутираат во партијата. Еве, сега влезе Алијанса во Владата, не се одржа ниту еден состанок, нема дебата, само се информираат функционерите и членството, а тоа не е демократски.

Долги години сте дел од интергративците, бевте и пратеник, и министер и градоначалник, генерално подолг период сте имале висока функција. Од каде баш сега такво големо незадоволство?

-Во тоа време, кога јас бев функционер, партиските органи целосно се почитуваа и работите одеа добро, но во тоа време ние немавме Артан Груби, тој тогаш не можеше да се меша во партиските органи. Тој почна да ја мати водата во партијата, откако доби највисока функција, сега, откако е вицепремиер. Мисли дека сега тој влегол во власта, и дека тоа што е на  власт може да прави сè и сешто во партијата, и затоа го дигнавме гласот. И како нас не размислува само нашата група, туку мнозинството членови на ДУИ. Сега во нашата партија не се зборува за проблеми, ние не дебатираме што се случува во ДУИ, туку преку медиумите се критикуваат партиите на опозицијата. И за сите грешки и недостатоците, се кријат зад грбот на лидерот. Ако сакаат да се мерат со нас, ние сме отворени, ако не дискутираат во партиски органи, дај да дискутираме на дебати, па  јавноста нека направи проценка.

Секогаш кога ќе испратите некоја порака до раководството во ДУИ, Ахмети ви одговара со пеење. Како ја сфаќате пораките што ви ги испраќа преку песна? Треба ли да биде толку безгрижен како што изгледа??

-Таков примерок нема во ниту една политичка партија, ни во нашата држава, ни во Европска Унија. Ни еден политичар во Европа не праќа порака со песна, и немам што да кажам повеќе. Ако има нешто да ни каже, може да дебатираме во партиските органи, а не да пее. Тоа не е многу интересно ни за мене , ни за граѓаните, и затоа немам што да кажам. Ако тој на тие што мислат поинаку им одговара со песна, таа партија нема добра иднина.

Артан Груби од масовниот митинг во Чаир директно ви подаде рака за помирување и обединување на целата партија. Од друга страна, впечатокот е дека во огнената група револтот е сè поголем. После сите забелешки што ги имате лично за него, постои ли простор за обединување?

-Кој е Артан Груби да бара помирување? Тој е таму каде што е по предлог на Али Ахмети и нема што да бара. Помирување може да бара само Ахмети, да ги викне двете страни и со аргументи да не сослуша. Ако смета дека не сме во право, нека не исклучи од партијата, тука ќе се дебатира па централното претседателство нека донесе одлука. Ако сме ние штетни за партијата, нека гласаат нека не исклучат. Секоја партија дебатира, и одлуките пред да се објават се дебатираат во партискиот органи, а Артан Груби така како што се однесува, тој мисли дека тој е лидер на партијата, и сите во партијата така мислат. Збор за помирување може да каже само лидерот на таа партијата.

Дали е ова борба за превласт во чаирското крило?

-Артан Груби почна да се однесува како да е над партиските органи, како да е над целото членство и почна да ги понижува сите членови и сите генерации на членови, и основачите и сите оние што имаат дадено придонес за партијата. Тој ако сака да се докаже, нека се обиде да покаже колку поддршка има во својот огранок. Тој немаше смелост да се кандидира за претседател на огранокот на Чаир, па стана член на претседателството на ДУИ, и кога стана вицепремиер, почна да не почитува никого – ни претседателот на огранокот, ни другите претседатели. Таму каде што знаеше дека може да му се спротивстават, ги смени сите претседатели на ограноци. Сите претседатели на ограноците сега немаат поддршка од членство, туку тие се луѓе на Артан Груби, ги врзува интересот. Како ќе каже тој, другите така да прават, а претседателот само да биде информиран. Ако е толку е сигурен во поддршката нека излезе на гласање, па да видиме дали ќе може да ја преземе партијата. Партија е на секој член, а не е приватен монопол на Артан Груби.

Колку пратеници во моментов се дел од огнената група? Што ако Ахмети одлучи да ве исклучи од партијата? Дали е во опција огнените да формираат нова партија за наредните избори?

– Во огнената група сега се тројца пратеници, за да ги исклучат од партија треба да се дебатира во партијата, ако мнозинството членови на централното претседателство одлучи – нека не исклучат, ние ќе продолжиме и ќе се ангажираме со нашите активности во политиката. Ние сме основачи на партијата и бараме дебата, па после тоа нека следи одлука дали треба да си одиме. Не размислуваме за нова партија, ние ја сакаме целосната партија – ДУИ, но за тоа не можеме сами да одлучуваме, треба да разговараме со сите и да видиме кои се задоволни, а кои се незадоволни. Но вака како што е, незадоволството е големо, само тој што му е симпатичен на Артан Груби – може да биде кандидат за пратеник, за претседател на огранокот на партијата или кандидат за централно претседателство.

И да се формира Европски фронт, нема да има повеќе од 61 пратеник

Разговарате ли со Мицкоски во моментов? Постои ли можност пратениците неистомисленици да излезат од владејачкото мнозинство?

-Ние се бориме во внатрешноста на нашата партија. Разговараме со сите, ние не сме лути со ниту еден лидер на партија. Кога сакаме да донесеме важни одлуки, секогаш треба да се земе предвид и мислењето на опозицијата, опозицијата треба да биде почитувана и нејзиното мислење да биде земено предвид, и тогаш одлуките ќе се носат со консензус. Сега гледаме колку критики имаме од САД и од Европската Унија во однос на корупцијата, и се знае на кого се однесуваат тие критики, сигурно не на тој што е во опозиција, туку на партиите на власт. Тие наместо да седнат заедно и да разговараат во интерес на државата, тие не разговараат со никого. Ќе правеле Европски фронт , и што мислат дека тој Европски фронт може да има повеќе од 61 пратеник и дали е решен проблемот? Без опозицијата не може да се реши ниту еден клучен проблем во нашата држава. И алијанса наместо да се бори од опозиција, влезе во коалиција со ДУИ, а толку многу ги критикуваше и Ахмети и Ковачевски. Ако ги прашуваш СДСМ и ДУИ, за нив не треба да има опозиција во државава. А без опозиција не може. Ако одлучил да прави уставни измени, Ковачевски сега треба навистина да посвети време и да го убеди Мицкоски дека треба да се направат уставни измени и државата да оди напред. Ако Мицкоски вели дека треба да има предвремени избори, Ковачевски треба да го почитува неговото барање, да има избори граѓаните нека одлучат кој ќе биде премиер и државата да оди напред. Тие досега не најдоа заеднички јазик за уставните измени, па затоа нека се договорат за предвремени избори, и тоа што побрзо. Нека има нова коалиција на власт, нов премиер, ама граѓаните нека го направат изборот за државата и економијата да одат напред.

Јованка ЦАРУЛЕСКА ГРУЕВСКА

Фото П. СТОЈАНОВСКИ