Нема мајмуни за тестирање на вакцини

73

Глобалната трка за вакцина против коронавирус предизвика недостаток на мајмуни.
Според американските медиуми, пред да се тестираат потенцијални вакцини врз луѓе, во претклиничко истражување се испитува безбедноста и ефективноста на вакцината врз мајмуните. Сепак, со повеќе од 100 можни вакцини што моментално се во игра, побарувачката за мајмуни ја надмина понудата.

„Имаме недостиг“, изјави за USA Today, д-р Скип Бом, помошник директор задолжен за ветеринарна медицина во Националниот центар за истражување на примати во Њу Орлеанс. 

USA Today наведува дека, како и во многу други аспекти на општеството, пандемијата во прв план го стави веќе постоечкиот проблем.

Конкретно, истражувачките центри за приматите со години се во проблеми поради ограничувањата на увозот на мајмуни од земји како Кина и Индија, но и недостатокот на финансиски средства за одгледување на мајмуни во САД.

Иако групите за заштита на правата на животните се спротивставуваат на употребата на примати во научни експерименти, истражувачите велат дека ваквите практики се клучни за развојот на медицината.

Центарот во Њу Орлеанс на својата веб-страница наведува дека се обидуваат да користат најмал можен број на животни потребни за валидни научни резултати. За жал, во моментов не е можно целосно да се замени употребата на животни со компјутерски модели.

„Реакциите на имунолошкиот систем на мајмунот се многу слични на она што го гледаме кај луѓето и затоа овие експерименти можат да ни дадат многу добри показатели за безбедноста и ефективноста на вакцините“, изјави Џеј Рапапорт, директор на Центарот.