Нема куртул за галиите кај „Холидеј ин“ и МЕПСО

230

Во завршна фаза е најавеното отстранување на двете галии од коритото на реката Вардар, кај хотелот „Холидеј ин“ и пред МЕПСО. Од Град Скопје информираат дека доставено е решението од извршителот до должниците, а во понеделникот судот известил дека е искористено правото на приговор.

– Треба да се даде соодветен одговор од извршителот на приговорот до крајот на оваа недела, по што Апелациониот суд во рок од два-три дена ќе се изјасни по приговорот, објаснија градските власти

 

Во завршна фаза е најавеното отстранување на двете галии од коритото на реката Вардар, кај хотелот „Холидеј ин“ и пред МЕПСО. Од Град Скопје информираат дека доставено е решението од извршителот до должниците, а во понеделникот судот известил дека е искористено правото на приговор.

– Треба да се даде соодветен одговор од извршителот на приговорот до крајот на оваа недела, по што Апелациониот суд во рок од два-три дена ќе се изјасни по приговорот – објаснија градските власти.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов се надева дека до крајот на наредната седмица ќе заврши тоа, бидејќи се куси роковите во извршната постапка, па како што истакна, ќе може да се спроведе отстранувањето на галиите.

Во јуни годинава, Градот го раскина договорот со сопственикот на галијата кај хотелот „Холидеј ин“, фирмата „Сервис АД“. Тогаш Шилегов информираше дека се создадени правни услови за нејзино отстранување и поради тоа дал налог да се раскине договорот и да се наплати банкарската гаранција и за втората од трите галии.

Шефот на кабинетот на скопскиот градоначалник, Никола Наумовски, тогаш за медиумите изјави дека основа за раскинување на договорот е тоа што закупецот на галијата четири месеци не платил закупнина/кирија.

Претходно пак, во март, на прес-конференција, Шилегов соопшти дека го раскинува договорот со првиот брод кај МЕПСО, во сопственост на Ниче Димовски-Македон, шура на скопскиот ексградоначалник Коце Трајановски.

Тој тогаш потпиша решение со кое фирмата „Фаланга Херонеа ДООЕЛ“ се задолжува да ја тргне галијата во рок од 30 дена, бидејќи не работела иако Град Скопје ѝ доставил решение во 2018 година дека треба да почне да врши дејност, а до ден-денеска таа не е отстранета.

Отстранувањето на галиите и раскинувањето на договорите, како што напомена тогаш Шилегов ќе немаат никаква импликација по буџетот на Град Скопје, односно ќе се врши на сметка на закупецот.

Со тоа останува уште една галија, онаа меѓу двата пешачки моста на фирмата „Воденица“, за која како што се изјасни во јуни Наумоски сè уште не се создадени правни услови да биде отстранета, па ќе се чека или да заврши договорот или да се изнајде начин Градот да се ослободи од неа. Градските власти сега не одговорија дали се создадени потребните услови и оваа галија да се отстрани.

Галиите во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“.

Според Студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Градот и Центарот за управување со кризи ако коритото на Вардар не се ослободи од препреките, штетите при евентуална голема поплава би можеле да бидат од 30 до 130 милиони евра.

(А.П.)