Нема идејни решенија за уредување на просторот кај „Треска“

185

До денеска во архивата на Општина Центар немаше пристигнато ниту едно идејно решение/труд по распишаниот конкурс за уредување на просторот кај поранешната фабрика „Треска“. Ова се случува и покрај тоа што Општина Центар го продолжи крајниот рок за доставување на трудовите до 1 октомври, наместо до 1 септември како што беше првично, но и го зголеми наградниот фонд за најдобрите трудови за 597.000 денари, односно за 9.700 евра.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, вели дека не би можел да знае зошто нема заинтересираност по конкурсот, иако критериумите се поповолни. 

Тој објасни дека имајќи ги предвид одредбите од Законот за јавни набавки, како и конкурсната документација, трудовите се доставуваат во две затворени пликоа и тоа во едното се става идејното решение/трудот со шифра, а другото е со иста шифра и назнака автор. По завршување на оценувањето на трудовите од страна на жири-комисијата се врши рангирање на трудовите и потоа се отвораат пликоата со авторите, со соодветните шифри заради утврдување на авторот на конкретниот труд.

– Од тие причини, доколку општината добие идејни решенија/трудови, тие ќе бидат непознати за жири-комисијата, со цел, објектива, транспарентна и независна оценка на идејните решенија. Жири-комисијата има рок од 30 дена, сметано од крајниот рок за доставување на трудовите, односно најдоцна до 01.11.2021 година да изврши оценка и рангирање на пристигнатите трудови, а општината во рок од 10 дена, од приемот на извештајот на жири-комисијата ќе го објави рангирањето, односно изборот на најдоброто решение врз основа на конкурсните просторни, програмски, естетски, еколошки и економски критериуми – нагласи Богдановиќ.

Конкурсот за идејно решение за уредување на локалитетот кај некогашната фабрика „Треска“, Општина Центар го распиша на 24 јуни годинава.

(А.П.)