Само за една недела со ковид-19 се заболени 19 деца и 53 вработени во градинките во земјава, но состојбата се следи и во моментов е под контрола, смета министерката Јагода Шахпаска. Ова е последниот податок на заболени деца и воспитувачи во градинките заклучно со денешниот ден, иако претходно имаше информации за повеќе заразени со коронавирус

Само за една недела со ковид-19 се заболени 19 деца и 53 вработени во градинките во земјава, но состојбата се следи и во моментов е под контрола. Ова го изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Ова е последниот податок на заболени деца и воспитувачи во градинките заклучно со денешниот ден, иако претходно имаше информации за повеќе заразени со коронавирусот.

– Со доследното почитување на протоколите, состојбата ќе ја ставаме под контрола, постојано ја следиме и заеднички носиме одлуки, бидејќи здравјето на децата, но и на вработените ни се на врвот на приоритетите – изјави Шахпаска.

Како што дополни таа, во петте објекти на градинката „Росица“ во Општина Ѓорче Петров има позитивни двајца вработени и две деца. Потенцираше дека секоја градинка има своја епидемиолошка слика, но прво состојбата со заразеноста со вирусот ковид-19 и постапувањето во согласност со тоа, треба да ја менаџираат директорите на градинките.

– Потоа, доколку е потребно тука се вклучува и Министерството за труд и социјална политика, но пред сè Комисијата за заразни болести е таа која ги предвидува постапките во однос на епидемиолошката слика – истакна Шахпаска.

Исплашени од ваквите бројки градоначалници на одредени општини се информираат кај директорите на градинките и училиштата на нивна територија. Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, денеска имаше онлајн средба со директорите на осумте основни училиште и двете градинки на територијата на општината со цел да биде информиран колку наставници и деца има заболено и според него, во двете градинки во општината, каде има пет заразени дечиња, но поради контактите очекува бројот да расте.

– Според протоколите за спречување на ширење на заразата, во ваков случај цели групи одат во изолација. Од директорите на двете наши градинки бев информиран дека вирусот не се шири внатре, туку дечињата се заразиле од нивните родители. Затоа, апелирам до родителите, доколку забележат симптоми кај нивните деца да не ги носат во градинка или во училиште за да не ги стават другите деца во ризик од заразување – вели Темелковски.

Што се однесува до училиштата, Темелковски вели дека за среќа нема ниту еден заболен ученик или наставник.

– Само во училиштето „Невена Георгиева-Дуња“, тројца наставници се во изолација и со тоа се отежнува едукативниот процес. Се договоривме да се одржи средба со Советот на родители на учениците од ова училиште и да се одлучи дали има можност за онлајн настава од една недела се до враќање на тројцата наставници кои се во изолација – вели Темелковски.

Од училиштето изјавија за весникот ВЕЧЕР дека ако се отежнува едукативниот процес, сепак, најверојатно наставата ќе продолжи со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение.

Родителите велат дека од училиштето ги известиле, дека станува збор за превентивна мерка поради загрижувачката состојба со вирусот. Реагираа дека онлајн наставата нема да вроди со плод, а против неа се и дел од дечињата.

Според Темелковски, основните училишта можат да донесат одлука за префрлање на онлајн учење ако има влошување на состојбата со заболени или инфицирани со ковид-19.

Претходно во ОУ „Владо Тасевски“ во Карпош беше одлучено учениците од прво до трето одделение во ова училиште од понеделник да учат од дома поради тоа што со ковид-19 се заразени десетина наставници, како и ученици до трето одделение.

Најверојатно училиштето ќе биде затворено две недели, односно ќе се следат протоколите од Комисијата за заштита од заразни болести и насоките од Министерството за образование и наука. Ова е прво целосно затворање на основно училиште во Карпош во оваа учебна година поради коронавирусот.

(С.Бл.)