Нема да се гради (обнови) спомен објектот „Стара градска школа“ во барок кој беше предвиден на местото зад општина Центар. За да се исфрли од Генералниот урбанистички план на Град Скопје, советниците на оваа општина дадоа зелено светло да се отпочне со изработка и донесување на Регулациски план на ГУП-от 2012-2022 , четврт З 10 – Дебар Маало. Регулацискиот план ќе го изработува Градот, а со финансиски средства ќе учествува и општина Центар.

– Новиот регулацискиот план ќе ги регулира јавните и сообраќајните површини и паркирањето во Дебар Маало, а со истиот ќе се избрише спомен објектот „Стара градска школа“ во барок кој беше предвиден да се гради на местото зад општина Центар – појаснуваат од општината.

Градската школа е некогашна педагошка образовна установа во кругот на денешната општина Центар во Скопје. Во 1963-та објектот е урнат во катастрофалниот земјотрес. Изградбата на поранешната Градска школа, прв пат беше најавена од страна на лидерот на ВМРО ДПМНЕ во февруари 2016 година како дел од промоцијата на „седум нови мерки и проекти за младите“ во пресрет на тогаш планираните, но потоа одложени предвремени избори на 24 април. Обновувањето на Старата градска школа беше дел и од предизборниот говор на Никола Груевски во ноември 2016 во пресрет на изборите на 11 декември.

Објавата на конкурсот за избор на идејно решение во септември 2016 во јавноста беше протолкувана како порака за продолжување на идејата за наметнување доминантно неокласицистички идентитет на градот, познат како „Скопје 2014“.

Во новата „Стара учителска школа“ беше предвидено да се сместат Факултетот за ликовни уметности и Ликовната академија.

Советниците на општина Центар изгласаа воспитувачите, негувателите, стручните соработници и директорите на детските градинки „Кочо Рацин“,„13 Ноември“ и „Раде Јовчевски – Корчагин“ добија покачување на платите за 16 насто. Повисок износ персоналот на градинките ќе добие веќе со јунската плата. Зелено светло за одлуката дадоа советниците на општина Центар со цел мотивирање на кадрите кои се грижат за децата во градинките.