Челниците на Евролига објавија дека сите кошаркарски натпревари од ова натпреварување во Турција ќе бидат суспендирани до дополнително известување по разорниот земјотрес, кој ја погоди оваа земја и големиот број жртви, кој од ден на ден се зголемува.

  • Кошаркарското семејство од Евролигата е длабоко потресено од трагедијата во Турција и соседните земји. Сакаме да им изразиме длабоко сочувство на семејствата на жртвите и на сите погодени од актуелната трагедија, соопшти управата на натпреварувањето.

Во Евролигата се натпреваруваат две турски екипи – Фенербахче и двократниот последователен шампион Анадолу Ефес, а утре (четврток) во Истанбул од 18 часот и 30 минути требаше да се одигра големото дерби, Ефес – Реал Мадрид. Сепак, тој меч нема да се одржи, како и мечот меѓу Фенербахче и Армани Милано, кој е закажан за во петок.

  • Евролигата, заедно со погодените тимови, ќе ги разгледаат најдобрите можни опции за да се најде нов датум врз основа на достапните датуми. Дополнителни информации ќе бидат објавени во наредните денови, се вели во соопштението од Евролигата.

Најмалку 1.500 луѓе загинаа по двата силни земјотреси што ги погодија Турција и Сирија во рок од 12 часа, а бројот на жртвите се очекува да се зголеми бидејќи многу луѓе останаа заробени под урнатите згради, објави „Гардијан“, наведувајќи дека има неколку илјади повредени.