Нема веќе гравче со српски колбаси!

По Бугарија, АХВ забрани увоз на свинско месо и преработки од Србија поради веста дека во оваа земја се појавила африканска чума. Освен Македонија и БиХ донесе привремена забрана за увоз на свинско месо и месни производи од Србија.

134

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска донесе забрана за увоз на свинско месо и преработки, како и увоз и транзит на живи домашни и диви свињи од Србија, по веста дека во оваа земја се појавила африканска чума. Освен од Србија, забрана за увоз и транзит на свинско месо, производи од свинско месо и добиточна храна има и за Бугарија, каде бројот на жаришта е зголемен, како и за сите други земји каде е утврдено присуство на болеста.
Директорот на АХВ Зоран Атанасов потврди дека во Србија има африканска свинска чума, и тоа во околината на Белград, Младеновац, Смедеревска паланка.
Атанасов уште еднаш потврди дека во државата нема африканска свинска чума, состојбата будно се следи, а превентивните мерки се подигнати на максимално ниво.
– Од петокот во сила е Решението за задолжително лабораториско испитување на секоја увозна пратка свинско месо, производи и преработки. Пратките нема да се пуштаат во промет сè додека не се добие наодот од лабораториското испитување, информира директорот.
Отстрелот на дивите свињи кој се планира како превентивна мерка, сè уште не е почнат, а АХВ и Ловечката федерација ќе се договорат за начинот и динамиката на заловување.
Освен Македонија и БиХ донесе привремена забрана за увоз на свинско месо и месни производи од Србија.
Канцеларијата за ветеринарство на БиХ соопшти дека воведува привремена забрана за увоз на свинско месо од Србија поради сомневање за присуство на болеста африканска свинска чума.
Забранет е увоз на домашни и диви свињи, месо од домашни и диви свињи, како и производи со потекло од свињи што не се обработени на начин дека е со сигурност уништен вирусот на африканска свинска чума, соопшти Канцеларијата за ветеринарство на БиХ.
Забраната ќе биде на сила до добивање службени информации од надлежни тела на Србија за прекин на сомневање за појава на африканска свинска чума.
Од АХВ уште еднаш апелираат да не се внесува храна од животинско потекло, месо и производи од месо преку кои може да се внесе болеста во нашата земја. (А.С.)