Роковите се за политичарите, а македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања си има своја динамика на работа, истакна денеска копретседателот на Комисијата, Драги Ѓоргиев, претставувајќи ги усвоените препораки што се однесуваат на подобрување на македонските учебници по историја за шесто одделение и за петти клас во Бугарија, како и препораките за заедничко чествување на св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Наум и цар Самоил.

Се работи за препораки што ги усвоила Комисијата во последните четири години. Во однос на учебниците, како што додаде, има по пет препораки подеднакво за македонските и за бугарските учебници, а се однесуваат на некои структурални недоследности во лекциите, потоа на фактографски грешки, историската географија, односно како се претставени одредени географски реони во учебниците, бидејќи, како што рече, во тие сегменти забележале најмногу пропусти и во двата образовни система.

– Препораките не допираат во идентитетските прашања и истите се посветени на тоа да се избегне митологизацијата на тој антички период на двете страни и да се избегне денешната национална перспектива. Од тој аспект, сметаме ќе се подобрат учебниците по историја во двете земји – рече Ѓоргиев.

Овие препораки одат до Владата, која треба да ги усвои и понатаму да продолжи процесот при пишувањето на идните учебници по историја и да се земат предвид препораките. Препораките на Комисијата, додаде тој, не се со задолжително усвојување, а работата понатаму е во рацете на институциите.

– За заедничкото чествување на историските ликови, главни критериуми за Комисијата беа презентација на универзалните вредности на тие личности за придонесот на тие личности во развивањето на христијанската култура, традиција на овие простори и, секако, придонесот на тие личности за развојот на словенската, сесловенската писменост. Се трудевме, во тој контекст, текстовите да имаат поширок регионален апсект – заклучи Ѓоргиев.

Тој посочи, целта на Комисијата не е по секоја цена да донесе решенија за сите историски недоразбирања.

– Ние никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Дискусиите ќе траат и, во крајна линија, ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение, ќе го презентираме. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија – посочи Ѓоргиев, додавајќи дека Комисијата не расправа за тоа како гледаат историографиите на одредени личности и настани, туку за тоа како се презентирани тие во учебниците по историја во двете земји и дали е потребно нивно поинакво презентирање во бугарските учебници и во македонските учебници.

Според Протоколот што на 17 јули во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, во рок од еден месец од потпишувањето на документот, двете држави треба да ги објават, на владините интернет-страници, усвоените препораки. Препораките денеска беа објавени на веб-страницата на македонското МНР.

Препораки на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања

Препораки за заедничко одбележување на историски личности:

СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

Мисионерското дело на светите браќа Кирил и Методиј ги поставува основите на
христијанската култура и духовност на словенските народи. Прифаќањето и ширењето на писменоста и преводите на богослужбените книги им овозможува на словенските народи да се запознаат со христијанското учење на разбирлив јазик. Делото на св. Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓаат услови за работа. Тоа дава суштествена основа на современите држави Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички да го одбележуваат денот на св. Кирил и Методиј…

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

Делото на светите браќа Кирил и Методиј е продолжено од нивните ученици, меѓу кои се истакнува личноста на св. Климент (околу 830-916). По Великоморавската мисија, св. Климент е прифатен во средновековната бугарска држава. Околу 886 г. е испратен од кнез Борис-Михаил во областа Кутмичевица, каде што, како просветител и творец, ги положува основите на Охридската книжевна школа. Околу 893 г., по наредба на бугарскиот цар Симеон, е ракоположен за велички епископ. Неговите проповед и богослужба се од големо значење за распространувањето и утврдувањето на христијанската писменост и култура… Сето тоа им дава основа на двете држави да го негуваат споменот за делото на св. Климент преку заедничко одбележување при соодветни поводи.

СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ

Делото на светите браќа Кирил и Методиј е продолжено од нивните ученици. Меѓу нив, св. Наум (околу 830-910) учествувал во Великоморавската мисија, од каде што, по смртта на св. Методиј и прогонувањето на неговите ученици, тој пристигнал во средновековна Бугарија. Тој е еден од основоположниците на Плисковско-преславската книжевна школа. Околу 893 г. е испратен од цар Симеон во Охрид, каде што ја продолжува просветителската дејност на св. Климент … Просветителското дело и придонесот на св. Наум за развојот на писменоста и културата на Република Северна Македонија и на Република Бугарија им даваат основа на двете земји да го негуваат споменот за неговото дело, преку заедничко одбележување при соодветни годишнини и јубилеи.

ЦАР САМОИЛ

Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско Царство со центар на територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Заедничката Комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран Договор, одбележувањето на цар Самоил да биде знак на споделени вредности и вистинско добрососедство и пријателство.

Препораки за учебниците по историја за петти клас во Република Бугарија и за шесто одделение во Република Северна Македонија:

Се препорачува избегнување на: неосновани историографски сугестии за античката историја, недостатоци во историската географија при користење на картите коишто не соодветствуваат со конкретното историско време и контекст, фактографски непрецизности.

Препораки за учебниците по историја за петти клас во Република Бугарија:

Вклучување на поширокиот регионален контекст, особено на териториите на запад од древна Тракија, за побогата слика за културно-историското наследство во регионот. Замена на изразот „бугарски земји“ со „денешни бугарски земји“, или „територијата на современа Бугарија“ заради поголема терминолошка прецизност. Повнимателно датирање на појавата на тракиската култура во антиката. При претставување на некои антички заедници (на пример Дарданците), да се земат предвид водечките тези во историографијата за етнокултурните карактеристики.  Историските карти треба да се користат согласно со историскиот контекст и
поставените методски цели.

Препораки за учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија:

Поголема застапеност на проблематика поврзана со античка Тракија и Тракијците ќе придонесе за подобро запознавање на културно-историското наследство во регионот. Сугестиите за континуитет меѓу античка Македонија и современата македонска држава содржат историски анахронизам. Сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна Република Северна Македонија, се неосновани. Историските карти на античката македонска држава да соодветствуваат на конкретен временски период. При претставување на некои антички заедници, да се земат предвид водечките тези во историографијата за нивните етнокултурни карактеристики (како на пример, Пајонците, Дарданците, Мигдонците).

(И.С)